Skip to main content

Машки надзор, реакција и една девојка помалку

Креирано со помош на AI

Девојката имала 17 години. Според медиумите, таа претходно го пријавила момчето за насилство. На 1 октомври, пред само еден месец, полицијата привела 21-годишник од Богданци по пријава дека ја нападнал во својот дом. Еден месец подоцна, две лица се пронајдени мртви кај Богданци. Изгорени. Едно тело во автомобил, друго до автомобил. Неофицијално, второто тело е на девојката. Околностите и причините за смртта треба да ги утврди истрагата и обдукцијата.

Не знаеме сè што се случило меѓу пријавата и оваа трагедија. Но токму затоа мора да прашаме: што се случи со пријавата? Што презедоа институциите? Дали девојката доби заштита? Дали некој го процени ризикот? Јавноста не треба да пресудува наместо судот, но има право да бара одговор дали системот направил сè што можел пред да биде предоцна.

И додека чекаме одговори, на телевизија слушаме дека жената треба да биде под „машки надзор“. Дека сопругот има „задача“ и „обврска“ да ја надгледува. Дека ако жената изневери, агресивната реакција на мажот не е насилство, туку „заштита на неговото достоинство“.

Тоа го кажа Петар Богојески во емисија на ТВ Алфа. АВМУ ги осуди неговите ставови како релативизирање и оправдување на насилството врз жените и децата. Но тој не се осуди себе си, напротив се гордееше со, како што вели „добрата емисија“.

Да бидеме јасни – неверството не е дозвола за тепање. Ниту љубомората, навреденото его, бесот или повреденото достоинство се дозвола за насилство. Нема „реакција“ што му дава право на еден човек да го контролира, понижува или удира другиот. А кога јавна личност го претставува тоа како нешто што не е насилство, тоа не е само пушти, будала. Тој испраќа порака до сите што слушаат – до жртвите што се прашуваат дали претеруваат, дали можеби тие се виновни и до насилниците што бараат изговор, оправдание и причина за она кое го прават.

Тука лежи опасноста. Насилството ретко почнува со најстрашниот чин, туку почнува со контрола што се нарекува грижа. Со љубомора што се нарекува љубов. Со навреда што се оправдува како „заслужена“. Со првиот шамар за кој тој вели нема да се повтори, а околината вели „имале кавга“. А потоа, кога ќе се случи трагедија, сите се прашуваат како не ја виделе опасноста. Тогаш сите знаеме како треба и сите сме силни зад тастатурата, институциите се демек активни. И тоа трае додека не заборавиме, па нов таков случај да не размрда пак. А богами, често не размрдуваат…

И не е ова само прашање на партнерско насилство. Врсничкото насилство во училиштата не е некоја сосема одвоена тема. Кога децата гледаат дека посилниот има право да контролира, заплашува и казнува послаб, тие учат модел. Кога навредувањето и понижувањето се третираат како шега, кога тепачката се снима наместо да се спречи, кога жртвата ја прашуваме „што направила“, а агресорот го оправдуваме со „испровоциран бил“, насилството станува дел од секојдневието. Оправдание секогаш ќе се најде, но дали воопшто треба да го бараме кога станува збор за агресија, за насилство.

Не се раѓаат насилни генерации. Ние им покажуваме што може да помине без последици. Ние ги создаваме. Го правиме тоа секојпат кога молчиме пред малтретирање, кога ја браниме контролата како традиција, кога солиме памет на „девојката“ да внимава да не го налути момчето, наместо на момчето дека нема право никого да повреди. Го правиме тоа кога ја негуваме мислата дека величината на маж во нашето општество се мери во „одбарана на неговото достоинство“. Го правиме тоа кога возрасните, вклучително и оние со јавна моќ, го претвораат насилството во расправа за тоа дали жртвата го „заслужила“.

Според податоците на ОН објавени во 2024 година околу 50.000 жени и девојчиња во светот биле убиени од интимен партнер или член на семејството. Во просек, 137 секој ден. Фемицидот често е крајна последица на насилство што претходно било пријавувано, препознаено или покажувало знаци на ескалација. Ова не е апстрактна статистика. Тоа се 137 животи секој ден, прекинати во круг на насилство што некој можел да го забележим па дури и можеби да го сопре.

На 8 Март напишав дека не ми требаат ружи, туку систем што ќе штити секој ден. Тогаш поводот беше Ивана и нејзината малечка ќерка. Причина многу жени кои страдаа, кои со години биле кршени – полека, систематски, пред очи на институции што „постапувале“. Денес, поводот е уште една пријава, уште една смрт и уште едно оправдување на машката агресија, а прашањето е истото: до кога?

До кога пријавата ќе биде само запис во полициски билтен? До кога ќе чекаме истрага по трагедијата, а не заштита пред неа? До кога ќе им објаснуваме на децата дека насилството е погрешно, додека возрасните им покажуваат дека зависи кој удира, кого удира и дали има доволно добар изговор?

И до кога ќе дозволуваме зборот „реакција“ да го прикрива зборот „насилство“?

Поврзани вести