Skip to main content

Британската опозиција бара Стармер да воведе санкции кон Маск

Facebook/Donald J.Trump

Лидерот на британските Либерални демократи, Ед Дејви, ги повика премиерот Кир Стармер и лидерката на Конзервативната партија, Камил Баденок, да се приклучат во осудата на американскиот милијардер Илон Маск, кој се „обидува да сее поделба, да поттикнува улично насилство и да се меша во британската демократија“.

Дејви побара од британската Влада да размисли какви санкции да воведе против Маск.

Барањето уследи откако Маск преку видео-снимка им се обрати на учесниците на антиимиграцискиот митинг, предупредувајќи дека „насилството доаѓа“ и дека Британците мора да „се борат или умираат“.

Стармер го осуди насилството за време на митингот „Да го обединиме Кралството“, што се одржа во Лондон пред два дена, на кој учествуваа повеќе од 100.000 луѓе. Митингот беше организиран од ултрадесничарскиот активист Томи Робинсон.

Британскиот премиер не ја коментираше директно објавата на Маск, но на платформата Икс објави дека мирните протести се во срцето на британските вредности, и оти нема да дозволи напади врз полицајци или луѓе кои се чувствуваат загрозени поради нивното потекло или бојата на нивната кожа.

Претходно, полицијата соопшти дека на митингот повредени се 26 полицајци, од кои четворица потешко, додека демонстрантите се обидувале да ги пробијат полициските кордони и да стигнат до контрапротестот против расизмот. Уапсени се 25 лица, а властите предупредија дека се очекуваат уште апсења.

Маск побара распуштање на британскиот Парламент, предвремени избори и смена на Владата.

Насилството доаѓа кај тебе. Или се бориш или умираш, објави Маск на Икс.

Не е првпат Маск да поддржува ултрадесничарски движења и личности во Европа.

Поврзани вести