Skip to main content

Oбјавeна првата есеистичка книга на Никола Маџиров на македонски јазик – „Дом во тишина“

По сликовницата „Рокчето“ и поетската збирка „Шестарот на времето“, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја објави првата есеистичка книга на Никола Маџиров на македонски јазик – „Дом во тишина“. Новата публикација, што е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на којшто се напишани. „Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Маџиров, во својот јазик.

Изданието содржи триесетина есеи распоредени во три тематизирани циклуси именувани само со супстантивизирани придавки: Бездомни, Севремени и Епистоларни. Тоа што ја нема именката есеј во именувањето на циклусите е само уште една потврда за високо поетизираниот стил на Маџиров кога пишува и други нешта, не само поезија. Бездомни, Севремени и Епистоларни во конкретниот случај се однесуваат на есеи, но можат имплицитно да се однесуваат и на песни, животи, идеи, чувства, мисли итн…

Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено дузина книги на македонски јазик, вклучувајќи ги и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Добитник е на значајни поетски награди.

Покрај „Дом во тишина“, годинава беа објавени и промовирани неговата прва книга за деца „Рокчето“, со илустрации на Анета Илиевска (импринт „Либи“) и „Шестарот на времето“ („Арс Либрис“), со неговото целокупно поетско творештво.