Skip to main content

Пет милиони евра од ЕУ за Фотонапонските електрани Битола 1 и Осломеј 2

Денес во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и АД ЕСМ потпишаа договор за грант – донација од Европската унија – за изградба на две нови фотонапонски електрани – „Битола 1“ со инсталирана моќност од 20 мегавати и „Осломеј 2“ со моќност од 10 мегавати.

Настанот, се одржа во присуство на министерката за енергетика Сања Божиновска, амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас, претставникот на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу и генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев, кој се потписници на договорот со кој се означи официјалниот почеток на овие проекти од клучно значење за енергетската транзиција на Република Македонија.

Со овие два проекти, ќе се произведуваат околу 46 гигават-часови електрична енергија годишно, што ќе ги задоволи потребите на над 7.000 домаќинства, истовремено намалувајќи ги емисиите на јаглерод диоксид за 40.000 тони годишно.

Овие фотонапонски електрани ќе придонесат за енергетската сигурност на нашата земја и ќе ги задоволат потребите на над 7.000 домаќинства. Енергетската транзиција е визија за иднина во која ќе имаме чиста енергија, здрава животна средина и економски просперитет. Реализацијата на овие проекти ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за околу 40.000 тони годишно и ќе овозможи рекултивација на 45 хектари земјиште во кругот на РЕК Битола и на РЕК Осломеј што директно ќе влијае кон поздрава животна средина за Битола, Кичево и нивната околина -истакна министерката Божиновска.

Грантот е во висина од речиси 5 милиони евра и го надополнува претходно потпишаниот заем од 25 милиони евра од ЕБОР за развој и изградба на електрани од 30 мегавати во Осломеј и Битола, со што повторно се покажува дека Европската Унија и ЕБОР се еден од најсилните партнери во енергетската транзиција на земјава.

Повеќе пари ширум светот сега одат во фото-електрани и соларна енергија отколку во сите други технологии за производство на електрична енергија заедно. А овој тренд се гледа и со заложбата на ЕУ за поддршка на АД ЕСМ, со преку 30 милиони евра грантови за финансирање за проекти од ветер, хидро и соларната енергија. Можностите за инвестирање се зголемуваат гледајќи го природниот потенцијал на земјата. ЕУ и нејзините партнери ќе продолжат да го поддржуваат патот на Македонија кон декарбонизација, обезбедувајќи диверзификација и безбедност на нејзините енергетски резерви – изјави амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас.

Проектот е доказ за континуираната поддршка на декарбонизацијата на енергетскиот сектор во земјата. Тоа е одличен пример како да се обезбеди алтернативно и одржливо користење на локациите за ископ на јаглен до старите и загадувачки термоелектрани. Со задоволство гледаме дека владата и приватниот сектор ги зголемуваат инвестициите во сончевата енергија и остануваме подготвени да обезбедиме дополнителна поддршка доколку е потребно, изјави претставникот на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу.

Проектите се очекува да бидат завршени до 2026 година, а нивната реализација ќе придонесе за развој на локалните економии и отворање нови работни места.

Овие проекти освен енергетски – ќе донесат и социјално-економски и еколошки придобивки. Самата изградба на електраните ќе придонесе за развивање на локалната економија преку разни активности на локалните фирми, а по целосната реализација на проектите би се отворила можност за нови вработувања – рече Лазо Узунчев по потпишувањето на договорот.

Владата и Министерството за финансии ја препознаа важноста од спроведување на овој проект и затоа дадоа поддршка преку издавање гаранција за намирување на обврските и исполнување на одредбите од Договорот за заем со ЕБОР за финансирање на Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, во износ од 25 милиони евра. Министерството за европски прашања и секретаријатот на Националниот ИПА координатор се задолжени за координација на Инструментот на Инвестициска рамка за Западен Балкан од каде е одобрен грантот за овој проект.

Нашата земја потврди дека знае да ги искористи фондовите достапни од 2009 година преку Инвестициската рамка за Западен Балакан. Близу 500 милиони евра се добиени во форма на грантови за вкупна вредност на инвестиции од 3 милијарди евра за проекти од областа на енергетика, но и транспорт, животна средина, човечки капитал и дигитализација. Сега имаме нова рамка преку Реформската агенда и Инструментот за реформи и раст да инвестираме во проекти во енергетика кои ќе бидат нашиот генерациски придонес кон зелената иднина на земјата – посочи Евгенија Кирковска, раководител на сектор за координација на ЕУ-фондови во Министерство за Европски прашања.

Фотонапонските електрани ќе бидат проектирани и изградени од најкомпетитивниот понудувач, во согласност со највисоките европски и светски стандарди.

Министерството за енергетика останува посветено на создавањето одржлива енергетска иднина за сите граѓани.

Поврзани вести