Skip to main content

Започнува трката за прв човек на Европската централна банка, веќе има неколку фаворити

Magnific

Членките на еврозоната имаат рок до петок да предложат кандидат кој ќе ја наследи Кристин Лагард на чело на Европската централна банка (ЕЦБ), за министрите за финансии веќе во следниот понеделник да ги разгледаат номинациите, изјави денеска портпарол на Еврогрупата за „Евроњуз“.

Еврогрупата ги обединува министрите за финансии на земјите од еврозоната.

По минатонеделното писмо на Кристин Лагард до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта,  „Советот на ЕУ започна постапка за назначување наследник на претседателот на ЕЦБ“, рече портпаролот.

„Членовите на Извршниот одбор на ЕЦБ ги назначува Европскиот совет и тие одлучуваат врз основа на препораката на Советот за одреден кандидат“, рече портпаролот, додавајќи дека само земјите што го користат еврото гласаат за препораката.

Претседателот на Еврогрупата, грчкиот министер за финансии Киријакос Пјеракакис, „ги повика членовите да поднесат номинации до петок, 6 ноември“, рече портпаролот, додавајќи дека Еврогрупата ќе ги разгледа на состанокот на 9 ноември.

Кандидатите имаат потреба од поддршка од 16 од 21 членка на еврозоната што претставуваат најмалку 65 проценти од населението на земјите од еврозоната.

Потоа лидерите на ЕУ ја донесуваат конечната одлука, додека Европскиот парламент и Управниот совет на ЕЦБ го даваат своето мислење.

Минатата недела, Лагард објави дека ја напушта функцијата шеф на ЕЦБ на 7 февруари следната година, со што нејзиниот осумгодишен мандат се скратува за речиси девет месеци. Меѓутоа, таа не кажа дали ќе биде кандидатка на претседателските избори во Франција во април 2027 година, за што се шпекулираше.

Генералниот директор на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) и поранешен гувернер на централната банка на Шпанија, Пабло Ернандез де Кос, и поранешниот гувернер на централната банка на Холандија, Клаес Кнот, најчесто се споменуваат како фаворити во трката за позицијата претседател на ЕЦБ.

И двајцата кандидати беа поддржани од нивните соодветни влади уште во септември, неколку недели пред Лагард да го објави своето пензионирање.

Американската платформа за предвидување на пазарот Калша му дава на Шпанецот 34 проценти шанси да ја добие функцијата, а на Холанѓанецот 31 процент, додека Полимаркет ги проценува шансите од 41 до 30 проценти.

Поранешниот гувернер на француската централна банка, Франсоа Вилерој де Гало, е третиот фаворит  на двете платформи, а и претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, претходно беше споменат како кандидат.

Поврзани вести