
Во рамки на второто издание на фестивалот за алтернативна, младинската и критичка култура „Ре-култура“ што го организира здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ во соработка со кафе-книжарниците „Илика“ и „Буква“, по вторпат се отвора донаторската акција за стари книги, плочи и цедеа.
Ги повикуваме сите пријатели, поддржувачи, издавачи, музичари, фанатични колекционери и сите кои сакаат да им олеснат на своите библиотеки, да предложат добра музика на некои нови луѓе и да бидат дел од градењето на независна младинска култура, да ги донираат своите стари книги, плочи и цедеа (што се во добра состојба) во кафе-книжарницата ‘Илика’“ велат од „Култура Бета“.
Собраните книги ќе бидат изложени на донаторски базар во рамки на фестивалот „Ре-култура“ што ќе се одржи на 26. и 27. септември, а собраните средства ќе бидат вложени во поддршка на локалната младинска културна сцена, организирање настани и објавување независни изданија.

Акцијата трае од 18. август до 18. септември, а старите книги, плочи и цедеа можат да се донесат во кафе-книжарницата „Илика“ од понеделник до сабота, од 8 до 13 часот и од 17 до 22 часот.
„Со оваа акција сакаме да придонесеме кон освестување на заедницата за директно учество во независната култура и културните настани, меѓусебна помош и поддршка и за поголемо вмрежување на уметниците. Како и да ја подигнеме свеста за реупотреба на старите предмети, а на овој начин можат да добијат втора шанса кај некој нов вљубеник во уметноста.“ додаваат од „Култура Бета“.
Целата програма за фестивалот „Ре-култура“ ќе биде објавена наскоро.
фото: Култура Бета