Skip to main content

22 дела влегоа во вториот круг за наградата „Драги“

Антолог

Тричлената комисија за доделувањето на наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“, во состав: д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател), д-р Јана Михајловска и Иван Шопов на својот работен состанок одржан на 20 август 2025 (среда) во просториите на издавачката куќа „Антолог“ одлучи во првиот круг на селекција да влезат 22 изданија од 13 издавачки куќи, во превод на 23 преведувачи и од 13 различни јазици, соопшти издавачот „Антолог“ кој ја доделува нагадата.

Жири-комисијата низ долга и многуслојна дебата дојде до одлуката, при што генералниот впечаток беше дека речиси сите пристигнати наслови слободно можат да се најдат директно и во финалните фази на селекција. Големата и изедначена конкуренција го потврди високото ниво на македонската преведувачка сцена и еминентноста на оваа награда. Се забележува и значајниот придонес на преведувачите, а со нив и на останатите лица вклучени во процесот – лектори, редактори, уредници и графичари, кон создавање квалитетни изданија и промоција на преводната книжевност. Жири-комисијата подробно ги разгледуваше сите аспекти на доставените дела: специфичноста (тежината) на изворникот, вештината на преведувачките алатки, обемноста или комплексноста на делата, богатоста на јазикот, умешноста да се заобиколат „преведувачките замки“, уредничките финеси, итн.

Тричлената комисија во состав: д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател), д-р Јана Михајловска и Иван Шопов / Фото: Антолог

Делата што поминуваат во вториот круг на селекција (подредени по азбучен ред, според првата буква од името на преведувачите) се:

1. Андријана Папиќ-Манчева за преводот од француски јазик на „Годините“ од Ани Ерно, издание на Илика, 2025 година
2.Бранислав Мирчевски за преводот од англиски јазик на „Граница: Патување до работ во Европа“ од Капка Касабова, издание на Или-или, 2024 година
3.Виолета Танчева-Златева за преводот од бугарски јазик на „Ѕвезди под клепките“ од Николај Терзијски, издание на Три, 2024 година
4.Даниела Тошева за преводот од старогрчки јазик на „Хизмина и Хизминиј“ од Евматиј Макремволит, издание на Чудна шума, 2024 година
5.Дарко Спасов за преводот од словенечки јазик на „Ленинов парк“ од Тадеј Голоб, издание на Чудна шума, 2024 година
6.Душанка Каевска и Ксенија Чочкова за преводот од германски јазик на „Собрани раскази“ од Франц Кафка, издание на Антолог, 2024 година
7.Ѓоко Здравески за преводот од српски јазик на „Дервишот и смртта“ од Меша Селимовиќ, издание на Антолог, 2025 година
8.Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на Три, 2024 година
9.Ирена Јурчева за преводот од англиски јазик на ,,Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По, издание на Три, 2024 година
10.Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на Артконект, 2024 година
11.Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на Или-или, 2024 година
12.Катерина Сотирова за преводот од италијански јазик на „Амфора“ од Луиџи Пирандело, издание на Или-или, 2024 година
13. Катица Гароска Ацевска за преводот од српски јазик на „Semper Idem“ од Ѓорѓе Лебовиќ, издание на Полица, 2024 година
14. Кристина Стаменова за преводот од кинески јазик на „Јас не сум прељубница“ од Лиу Џенјун, издание на Македоника литера, 2025 година
15. Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на Антолог, 2025 година
16. Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Генијот и божицата“ од Олдос Хаксли, издание на Артконект, 2025 година
17. Марио Стојаноски за преводот од англиски јазик на „Чуварка на семиња“ од Дајен Вилсон, издание на Матица, 2024 година
18. Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на Светла комора, 2024 година
19. Никола Кузманоски за преводот од англиски јазик на „Сенката над инсмот и други грозотии“ од Хауард Филипс Лавкрафт, издание на Полиграматон, 2024 година
20. Соња Стојменска – Елзесер за преводот од чешки јазик на „На убавата сина Джевнице“ од Антонин Бајаја, издание на Перун артис, 2025 година
21. Светлана Кочовска – Стевовиќ за преводот од старогрчки јазик на „Приказна од Ефес: Антија и Хаброком“ од Ксефонт од Ефес, издание на Или-или, 2025 година
22. Филип Димевски за преводот од полски јазик на „Маскарада“ од Витолд Гомбрович, издание на Бегемот, 2024 година

Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари.

За наградата „Драги“ првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици. Годинава првпат е воведена приоритетна книжевна категорија која ќе се менува секоја година. Во 2025 тоа е прозата (фикцијата) и опфаќа романи, збирки раскази, есеистика, дневници и сл.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.

Поврзани вести