
Македонскиот филм „17“, долгометражното деби на режисерката Косара Митиќ, продолжува да освојува меѓународни признанија. На 43. Филмски фестивал во Ерусалим, што се одржуваше деновиве, ја освои наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм.
Меѓународното жири во Ерусалим беше едногласно во своите оценки. Во образложението филмот го опиша како „суров, бескомпромисен и моќен уметнички удар“, издвојувајќи ја неговата силна емоционална енергија, извонредната кинематографија, зрелата режија на Косара Митиќ и впечатливите актерски изведби.
Долгометражното деби на Митиќ ја имаше својат светска премиера на Филмскиот фестивал во Берлин, во програмата „Панорама“. За македонската кинематографија ова е многу повеќе од уште една фестивалска награда. По повеќе од две децении, домашен дебитантски филм повторно се најде рамо до рамо со најзначајните светски авторски остварувања, покажувајќи дека македонските режисери имаат што да кажат и на најголемите светски филмски сцени.

Македонски



