Skip to main content

Мицкоски: Во исто време се градат 4 автопати

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на пуштање на дел од патот Кичево-Охрид и динамиката на работа на другите автопати, изјави:

„Што се однесува до динамиката на изградба на автопатот кој што е дел од Коридорот 8, а го поврзува Кичево со Охрид, можам да кажам дека пред 8 месеци отприлика, состојбата беше до никаде. Се работеше во 3 смени, се работеше жестоко, се работеше посветено и резултатот од таа посветена работа се овие први 17, иако делницата е 20 километри. Но оној делот кај што се скршнува накај Пресека, до тунелите, не е пуштен во употреба, бидејќи таа делница од Врбјани до Кичево е исто така во должина од 17 километри, дополнително треба да се заврши, бидејќи има 10 свлечишта коишто за жал, останале заборавени и сега се направени проекти и тие треба да се стабилизираат. Дел од петте километри од месноста кај селото Ботун исто така има 6 свлечишта, тие се можеби поголеми и попредизвикувачки. Проектите веќе се готови, очекувам во август месец да отпочне нивната реализација. За сето ова, за кое што зборувам е потребно зголемување на рамката на кредитот, бидејќи за жал тоа не било предвидено во минатото.“

Премиерот Мицкоски истакна дека продолжението автопатската делница од Климештани до Охрид, очекува да се заврши до крајот на летото, а активно се работи и на останати патни правци во другите делови на државата.

„И исто така се привршува секцијата од Климештани до Охрид, тие се исто така 17-18 километри коишто очекувам до крајот на месец август да бидат пуштени во функција. Со што од вкупната делница од 57 километри, негде 34, 35 до крајот на август ќе бидат автопатско решение. Минус оние 5 кај Ботун и минус оние 17 од излезот на тунелот до Кичево, коишто очекувам да бидат завршени до крајот на 2026, почетокот на 2027, еве нека биде најдоцна првиот квартал 2027.

Исто така со силно темпо се работи изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани. Отворен е фронт, повеќе од 75% од фронтот за работа е отворен, се работи со несмалена динамика. Голем дел од активностите ќе бидат реализирани оваа година. Исто така со несмалена динамика се работи и автопатот Тетово-Гостивар, како и автопатот Прилеп-Битола, којшто очекувам дури и пред време од предвидениот план да бидат завршени.

Тоа е разликата помеѓу оваа Влада и Владата на СДСМ и ДУИ, коишто ги интересираше само да исплатат аванси за да може да добијат некоја милост назад. Оваа Влада не ги интересираат авансите, туку ги интересира работа, фронт и просперитет на државата. Додека Владата на СДСМ и ДУИ крадеше, оваа Влада гради. Тоа е разликата. Нас не нѐ интересираат ниту трговски центри, ниту скапи автомобили, ниту инстант фирми за увоз на јаглен, ниту богати туристички агенции коишто купуваат евтини деловни простори во центарот на Скопје, нас нѐ интересира работа и просперитет на сите граѓани, на целата територија на Македонија“, потенцираше Мицкоски.

Поврзани вести