Skip to main content

Монодрамата „Ѓорѓија Пулески, роден су од камен“ ја разбуди цела мијачија од Галичник до Река, вечерва уште една изведба

Поради исклучителен интерес за монодрамата, „Ја Ѓорѓија Пулески, роден су од камен“ која доцна синоќа беше премиерно изведена во Галичник, ја информираме македонската јавност дека денеска, сабота 12 јули со почеток во 21:30 часот ќе се изведе првата реприза.

На вчерашната премиера присутните гледачи беа на магичен начин пренесени на почетокот на 19 век, а на моменти над „Упија“ се почуствува и присуство на енергијата на Пулески, според пренесените импресии на постарите Галичани низ силен емотивен набој.

Рубенс Муратовски на маестрален начин го пренесе Ѓорѓија Пулески. Муратовски кој има  потекло од Галичник и самиот без превез на лицето сите свои емоции едноставно им ги предаде на присутните на амфитеатарот.  Режисерот на монодрамата Бојан Трифуновски во исклучително компплексни услови и за кратко време успешно го состави мозаикот на поимот театар под отворено небо. Музичката изведба на традиционалната „Ветер да подујне“, со легендите на Мијачијата – Мајовци и исклучителниот вокален израз на Нико Ѓоргиевски го доведоа целиот проект на авторот Миле Бошњаковски во синхроницитет со „убавињето“ на Галичник и Бистра планина!

Јубилејот 150 години од објавата на „Речник од три јазика“, на Ѓорѓија Пулески беше достојно одбележан во неговиот Галичник. Секоја година за време „Петровден“ – Галичник наликува на Ерусалим и „сите потишта водат дома“!

Месната заедница Галичник сака јавно да се заблагодари на сите учесници во изведбата. Во луцидниот сон на Пулески на „Упија“ низ неговиот живот ги видовме; младиот Пулески кој го играше Григор Муратовски, Европа или модерната западна цивилизација од тоа време (Михаела Василевска), тројцата комити од четата на Пулески со кои ја одигра последната битка (Семин Бекири, Филип Филипоски, Филип Луканоски), како и статистите кои беа Османлиски аскер (Огнен Миновски, Шаип Абаз и Градимир Јаневски), во изведбата на финалниот музички дел учество земаа со хорски настап и (Ана Колеска – Черепналкоска и Моника Филипоска).

Современиците на Пулески кои се појавија со поддршка на компјутерска вештачка интелегенција односно ликовите на Абрахам Линколн, Лав Толстој и Жорж Санд ги креираше – Кристијан Георгиевски. Благодарност и до видео продукцијата „Мунлајт“, како и до аудио техничката поддршка на „Биг Саунд“.

Поврзани вести