Skip to main content
ВЛАДО ЈАНЕВСКИ, ПИСАТЕЛ

Себеси не можам да се замислам да творам само во еден медиум

Приватна архива / Владо Јаневски: Кај мене има силно изразена синергија меѓу пишувањето и сликањето

Македонскиот автор Владо Јаневски, кој живее и работи во Австралија повеќе од три децении, е мултимедијален уметник: писател, сликар, фотограф, стрип-автор.

Роден е во Македонија, каде што завршил високо образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија. Добитник е на многу награди и признанија.

Вели дека не може да се замиси да твори само во еден медиум.

Се случува да сликам размислувајќи како писател или да пишувам размислувајќи како сликар, вели во интервју за „Република“ Јаневски.

Во Македонија ретко кој може да живее само од пишување, а Јаневски се согласува дека тоа е насекаде, па и во Австралија. Вели дека и тој ја немал таа среќа да се издржува само од пишување, затоа од поодамна почнал да се занимава и со наука. Младите, кои сакаат да се изразуваат уметнички, но се плашат да започнат, ги советува да размислуваат со своја глава за она што се случува околу нив и да не се плашат да нурнат подлабоко во себе.

Неговата посета во земјава ја искористи Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) каде што беше претставен низ разговор за неговите три последни романи: „Кој го уби Едгар Алан По“ („Или-или“, 2024), „Смртта не е крај“ („Арс Ламина“, 2022) и „Мртвите знаат најдобро“ („Арс-Ламина“, 2020).

Тој е автор и на романите: „Чудо зад аголот“ („Пагома прес“, 2020), „Под друга капа“ („Магор“, 2019), „Made in Jabana“ („Слово“, 2004). Ја објавил и збирката раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“ 1985) како и збирката поезија („На грбот на неповратот“( Агенција за иселеништво, 2024).

Автор е на книгите за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ („Стрип-Квадрат“, 2023) и „Луѓето и змејовите“ („Арс Ламина“, 2023), а застапен е и во неколку збирки за современи бајки.

Како автор за деца, Владо Јаневски е најпознат по стрипот „Палавковците Влатко и Емче“, кој се објавува во прилогот „Колибри“ во „Нова Македонија“. Се занимава и со сликарство, а учествувал и на повеќе ликовни колонии во Македонија. Јаневски е член на ДПМ.

Неодамна, во ДПМ беше одржана вечер на која беа претставени Вашите три последни романи пред македонската публика. Културната јавност Ве препознава како писател, поет, сликар, стрип-автор. Кој медиум најсилно Ве изразува?

ЈАНЕВСКИ: Отсекогаш сум мислел дека најпрви треба да се оправдаат улогите (сепак не би рекол титулите), во случајов – писател, поет, сликар, стрип-автор. Порано избегнував себеси да се наречам писател. Но, после објавувањето на шест романи за возрасни, книга раскази и неколку книги за деца можам да речам дека ги исполнувам условите да се појавам во улога на писател (поточно раскажувач). После објавувањето и на збирка поезија, веројатно ги исполнувам условите да се наречам и поет. Сум се докажал и како стрип-автор, најмногу со преку две години редовното објавување на „Палавковците Влатко и Емче“ во прилогот „Колибри“ во весникот „Нова Македонија“. Како сликар сум немал потреба посебно да се докажувам, бидејќи отсекогаш сум се чувствувал како таков и не ми требало ни студио, а сега доволно е само да ги затворам очите и да сликам. Сакам да кажам дека се чувствувам подеднакво сигурен во сите овие улоги и медиуми. Меѓутоа, најчесто претпочитам да се искажам во улога на писател.

Како се надополнуваат сите овие форми за изразување кај Вас? Дали има синергија меѓу нив?

ЈАНЕВСКИ: Кај мене има силно изразена синергија меѓу пишувањето и сликањето. Како што веќе реков, најчесто претпочитам да се искажам како писател. Во повеќето од моите романи има спојување, надополнување на погоре споменатите форми за изразување: проза, поезија, сликање. Во нив покрај носечката проза, честопати се среќава и поезија; има и слики кога со помош на пишаниот збор ги сликам ликовите и нивниот внатрешен свет. Се обидувам сето тоа да ја има потребната спонтаност и надополнување. Всушност, додека пишувам (роман) ниту размислувам дали сум прозаист, поет или сликар – тогаш сум само автор кој има нешто да каже. Притоа, најважна ми е приказната чии делови сакам да бидат визуелно добро разработени, но да има и поетски моменти, ако се тие дел од светот што сакам да го доловам.

Владо Јаневски: Најчесто претпочитам да се искажам во улога на писател / фото: Приватна архива

Колку е важно за еден уметник денес да биде мултимедијален?

ЈАНЕВСКИ: Претпоставувам дека е сосема доволно да се биде добар само во еден медиум. Велам, претпоставувам, бидејќи себеси не можам да се замислам да творам само во еден медиум. За мене сите тие се дел од една поголема целина. Се случува да сликам размислувајќи како писател или да пишувам размислувајќи како сликар. Јас сум визуелен тип и додека пишувам работам со слики во главата – ги гледам ликовите од романот што го пишувам; тие оживуваат и понекогаш активно учествуваат во пишувањето, во таква ситуација само ја сликам сцената во која се наоѓаат, сместен некаде длабоко во позадината. Правам прозни, поетски или сликарски потези со менталната четка или (дигиталното) перо на хартијата-платното-мониторот каде што се пишува-слика делото што се создава.

Од 1989 година живеете во Сиднеј, Австралија. Како изгледа еден Ваш типичен креативен ден?

ЈАНЕВСКИ: Мојот креативен ден не се одликува со типичност. Единствен типичен дел е утринското кафе и потоа уште неколку кафиња до крајот на денот. Немам ни типична работна соба, постојано сум во движење и работам секаде каде што имам шанса да седнам подолго од петнаесетина минути. Тогаш тоа место станува мојата (мобилна) работна соба, честопати на најразлични места по светов: најчесто се тоа некое кафуле, хотелска соба, рецепција, бизнис центар, пауза меѓу состаноци, клупа под сенка, патување со автобус, воз, прекуокеански авион.

Дали инспирацијата ја пронаоѓате во многубројните патувања низ светот?

ЈАНЕВСКИ: Дедо ми си имаше обичај да рече – „Не треба да се остане да се живее под камен“. Уште од рана возраст сум правел напор да излезам од под каменот, ако ништо друго барем да прошетам околу него или само да се качам на него. Погледот оттаму е одличен за пронаоѓање на инспирацијата, особено кога те скокотка и тера да погледнеш што има зад хоризонтот. Мислам дека од поодамна сум успеал да излезам од под каменот и мојата инспирација е резултат на постојано движење, тоа честопати вклучува и патување. Понекогаш има толку инспиративни нешта и места во светот во кој патувам што морам да фаќам белешки за да можам да им се навратам во блиска иднина.

Кој македонски автор имал најголемо влијание врз Вашето пишување?

ЈАНЕВСКИ: На прво место би го ставил Петре М. Андреевски со „Пиреј”, потоа Живко Чинго со „Големата вода”. Тука би го додал и Славко Јаневски, најмногу со неговата поезија.

На што работите моментално? Може ли да очекуваме нешто ново наскоро?

ЈАНЕВСКИ: Секогаш има нешто ново. Колку тоа ќе биде наскоро не зависи само од мене туку и од програмата на издавачките куќи.

Со децении сте надвор од државата, но редовно сте присутни на македонската книжевна сцена, а за своите дела сте и наградувани. Какво е Вашето мислење за моменталната состојба со литературата кај нас?

ЈАНЕВСКИ: Читањето македонски автори може да биде „кул“ и секси. Зошто да не? Би се рекло дека не сме ништо полоши од многу од светските имиња, нели? Како можеме побрзо да стигнеме на такво рамниште? Релативно лесно – со отвореност кон сите оние автори кои имаат што да понудат, со строго промовирање на квалитет и со спречување на негативна селекција. Но, и покрај пријателското тапкање по рамо на сè поголем број на домашни автори дека напишале роман што се чита во еден здив и слично, реално гледано тоа не значи многу и мал е бројот на добри книги кај нас. Што се случува тогаш? Од каде е таа нереална слика дека имаме голем број на добри романи? Најголемиот проблем е што немаме издржана книжевна критика која ќе си ја врши работата како што треба. Најчесто сѐ се сведува на форсирање на „одбрани” автори кои упорно се туркаат во прв план, иако квалитетот на нивните дела некогаш изостанува. Со децении се претпочита смислено затворање во некакви утврдувања, безмалку книжевни бункери, кои им служат најчесто само на познаници од сродни факултети. Просто како да не ги забележуваат (андердог) авторите кои творат надвор од таквите утврдувања, за нив, единствена можност да добијат некакво признание се успесите на анонимните конкурси. Во вакви, херметички затворени кругови на македонската книжевна сцена, лесно може да се случи, покрај сите тие „прекрасни“ романи што се читаат „во еден здив“, да помине незабележан дури и некој одличен роман, без да биде откриен од оние што истиот би требало да го промовираат не само на домашната сцена, туку и пошироко. Во погоре наведените кругови ретко се промовира квалитет и поинаков поглед на светот, упорно се протуркуваат автори заради нивната препознатлива наметка, наметната по потреба и обесена на некаква локална закачалка.

Владо Јаневски: Понекогаш има толку инспиративни нешта и места во светот во кој патувам што морам да фаќам белешки за да можам да им се навратам во блиска иднина / Фото: Приватна архива

Во Македонија тешко се живее само од пишување книги. Дали е тоа возможно во Австралија?

ЈАНЕВСКИ: Тешко се живее само од пишување. Тоа е случај насекаде, па и во Австралија. Мал е бројот на авторите што успеваат да преживеат само од пишување книги. За жал, за да се опстане како автор, потребни се дополнителни ангажирања. И јас не сум ја имал таа среќа да се издржувам само од пишување. Затоа, уште од поодамна, сум започнал да се занимавам и со наука (истражување и развој), само за да си обезбедам пристоен живот и како автор и за да можам да патувам. Во некоја рака и подобро што било така, бидејќи на тој начин сум станал експерт во повеќе области, сум нашол излез и финансиска сигурност што ми помогнала и во процесот на креирање, творење. На писателот, поетот или сликарот таквите искуства и од други сфери, можат да му помогнат она што го прави да има повеќе димензии или агли и да делува поубедливо и со поголема слобода во изразувањето.

Што би им порачале на младите кои сакаат да се изразуваат уметнички, но се плашат да започнат?

ЈАНЕВСКИ: Најпрвин, погледнете се во огледало и почнете да размислувате со своја глава за вас и за она околу вас, прашајте се дали во ликот во огледалото има нешто подлабоко од она што го гледате на прв поглед. Ако тогаш ви се отвори некаква врата во умот и не ви е страв да ѕирнете што има таму – ако ве повлече љубопитноста да зачекорите низ таа врата – тогаш тоа е сосема доволно за почеток.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива

Поврзани вести