Skip to main content

Високи паушали, 3 000 000 евра за градинка без почитување на законски одредби – ревизорите со низа замерки за работењето на Општина Центар

Низа неправилности констатираше Државниот завод за ревизија за работењето на Општина Центар во 2023 година. Ненаплатени побарувања, доделени финансиски средства без прецизни и јасни критериуми, платени високи паушали…

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Центар за 2023 година, при што констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразивме мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметките на основен буџет 630 и 637 – велат од Заводот за ревизија.

Според ревизорите Општината заклучно со 31.12.2023 година има ненаплатени побарувања во износ од 276.569 000 денари, односно 4.482.480 евра, за кои нема утврдено старосна структура и дали постои законска можност за нивна наплата. Побарувањата по основ на надоместок за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти се евидентирани на денот кога истите се наплатени и не се склучени договори за одложено плаќање доколку надоместокот не е платен еднократно.

По основ на комунална такса за користење на просторот за паркирање на моторни возила, Општина Центар побарува од ЈП “Паркинзи на Општина Центар” – Скопје 16.940 илјади денари кои се однесуваат на побарувања од минати години, а за 2022 и 2023 година воопшто не искажува побарувања по овој основ – стои во ревизорскиот извештај.

Понатаму ревизорите додаваат:

Во услови на непостоење на прецизни и јасни критериуми, во 2023 година доделени се финансиски средства на спортски здруженија, спортисти-поединци и стипендии за млади таленти во вкупен износ од 2.256 илјади денари, што претставува само 13% од вкупните средства на Програмата за спорт и рекреација, а останатите 15.000 илјади денари или 87%, Општина Центар ги доделила на КК “Работнички“ АД Скопје, при што во изминатите 9 години нема извршено контрола на наменското и законското користење на доделените средства.


Општина Центар исплатила 984 000 денари за адвокатски услуги во месечни паушали, а не врз основа на извештај/ спецификација за преземени активности според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

За зимско одржување на улиците, исплатен е паушал во износ од 2.596 000 денари, без извршена ефективна работа на возилата и изнајмен е простор наменет за читални без спроведен јавен оглас/повик или објава во средства за јавно информирање за што се исплатени 735 000 денари, иако истите не функционираат.

Нерегуларности се најдени и при изградба на детска градинка во населба Пролет. Според ревизорите со вкупна вредност 184.850 000 денари (2.995.950 евра) без ДДВ не се испочитувани во целост одредбите од Законот за градење.

Во текот на изградбата склучени се анекс договори во кои се предвидени работи кои не се составен дел на основниот проект, но не е изработена дополна на основен проект, ниту проект на изведена состојба, согласно член 51 и 69 од Законот, а ревидентот при ревидирање на основниот проект нема извршено ревизија на сите фази од основниот проект, како што предвидуваат одредбите од член 21 и член 44 став 5 од Законот за градење.

Констатирани се и други неправилности:

Во постапката за јавна набавка на Систем за администрација, дигитализација и реконструкција на јавно осветлување за паметно мерење и управување со електрична енергија-паметни ормари со вредност од 113.295 000 денари без ДДВ, не се почитувани одредбите од Законот за јавни набавки и тоа: неделивост на постапката иако техничката спецификација и предмер пресметката се составени од различни ставки кои сочинуваат посебни делови (член 78 став 6), што неоправдано ја ограничува конкуренцијата на само еден економски оператор.

Донесена е одлука за до обезбедување на средства од 7.698 илјади денари без спроведена анализа за економската исплатливост од повторување на постапката (член 77 став 5) и склучени Анекси за непредвидени работи во износ од 2.542 илјади денари кои отстапуваат од основниот договор, за кои општината како договорен орган, нема наведено објаснувања за измените, причините и околностите поради кои не можеле да се предвидат при доделување на основниот договор (член 119 став 6, 7 и 8).

По спроведена постапка за јавна набавка и склучен договор и Анекс договори во вкупна вредност од 48.708 илјади денари без ДДВ, извршена е комплетна реконструкција на ул. Аминта 3 (поранешна Ленинова). За дел од позициите, односно за водоводната мрежа и атмосферската канализација, за кои изведувачот нема добиено Евидентни листови од страна на ЈП Водовод и канализација Скопје, како и за фазата електрика, поради несоодветноста на материјалите, надзорот ја има намалено вредноста на основниот договор за 244 000 денари, иако таква одредба не е предвидена во договорот.

ЈП „Водовод и канализација“ Скопје има извршено три проверки на новоизградената атмосферска канализација и поради отстапување на изведените работи, односно позициите како преповрзување на постоечките објекти на новоизградената водоводна мрежа Ф 150, како и прифаќање (преповрзување) на постоечките водоводни мрежи кои гравитираат кон предметната улица кои се дел од проектот не се изведени, не е извршен технички прием на водоводната и атмосферската канализација.

По доставениот Нацрт извештај на Овластениот државен ревизор за надминување на недостатоците и изведување на приклучок на водоводната мрежа Општина Центар и ЈП „Водовод и Канализација„ Скопје склучиле договор со кој се регулирани одредени активности за приклучување, поврзување и реконструкција на водоводната мрежа Ф150 на улица Аминта 3 согласно техничкото решение.

За Реконструкција на фасада и кров на ЈУДГ „13 Ноември“ за објект Јасмин спроведена е постапка за јавна набавка и склучен е Договор и Анекс за кусоци и вишоци со вкупна вредност 11.651 000 денари без ДДВ. Во тендерската документација кај условите за квалитативен избор, предвиден е несразмерен услов да економскиот оператор има минимален годишен приход од минимум 24.000 000 денари за секоја година поединечно за последните 3 години, иако во постапката како проценета вредност се обезбедени 10.291 000 денари без ДДВ, што не е во согласност со член 91 став 3 од ЗЈН.

Поврзани вести