Skip to main content

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Саудиска Арабија, Ибрахим Ал-Мади

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Саудиска Арабија, Турки бин Ибрахим Ал-Мади, кој е со седиште во Тирана.

На средбата било разговарано за унапредување на билатералните односи, при што Сиљановска-Давкова ја оценила одлуката за отворање прва резидентна амбасада на Македонија во Ријад како потврда на определбата за продлабочување на соработката меѓу двете држави.

Според претседателката, постои значителен потенцијал за економска соработка, особено во енергетиката, обновливите извори на енергија, земјоделството, туризмот, инфраструктурата и технологијата. Соговорниците ја нагласиле и потребата од почести контакти меѓу бизнис-заедниците.

Двајцата изразиле подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво и склучување билатерални договори во различни области.

Сиљановска-Давкова оценила дека саудискиот стратешки план „Визија 2030“ и учеството на Македонија на „Експо 2030“ во Ријад претставуваат можност за поширока и подлабока соработка.

Таа ја посочила и можноста македонските граѓани да добијат туристичка електронска виза или виза при пристигнување во Саудиска Арабија, што, според неа, би го зголемило интересот за посета на земјата.

Претседателката се заблагодарила и за поддршката од Саудиска Арабија за македонската кандидатура за членство во Економскиот и социјалниот совет на ОН за мандатот 2027–2029 година, изразувајќи уверување дека соработката ќе продолжи и на мултилатерален план.

Амбасадорот Ибрахим Ал-Мади, пак, ја искажал подготвеноста за унапредување на севкупните односи меѓу двете држави.

Поврзани вести