
Родителите на децата згрижени во општинските градинки во Општина Центар од утре ќе плаќаат повисока месечна цена за 47,6 отсто. Наместо досегашните 1.490 денари, новата цена ќе изнесува 2.200 денари, односно зголемување од 710 денари.
Ваквата одлука беше донесена на последната седница на Советот на Општина Центар, на која против гласаа советниците од Левица. Тие посочија дека иако е оправдано зголемување на средствата за градинките, товарот не треба да падне врз родителите, особено имајќи ги предвид ниските просечни плати. Според нив, за семејства со две деца во градинка, зголемувањето значително го зголемува месечниот трошок.
Од градинките денеска до родителите е испратено известување за новата цена, во кое се наведува дека оние кои нема да ја прифатат промената ќе треба да ги отпишат децата од градинка.
Во известувањето се наведува дека ќе биде изготвен анекс на договорот за користење на услугите, кој родителите ќе треба да го потпишат во рок од 30 дена од објавувањето. Доколку тоа не го сторат, имаат право да достават изјава за раскин на договорот и да ги отпишат децата, под услов да немаат долгови кон градинката, и тоа најдоцна во рок од 15 дена.
Инаку, во дел од скопските општини цената на градинките веќе е зголемена и достигнува околу 2.000 денари месечно.

Македонски


