Skip to main content

Лазаров подобар од Червар во дербито во Автокоманда

Во дербито од 11. коло во македонската Суперлига, вечерва на домашен терен, ракометарите на Алкалоид го совладаа Еурофарм Пелистер со 30-28.

Битолскиот тим, кој во вторникот го совлада Магдебург во Лига Европа, добро го почна натпреварот во скопска Автокоманда и предводен од капитенот Филип Кузмановски поведе со 3-1.

Составот на Кирил Лазаров одговори со серија од 4-0, по што во продолжението се играше израмнето до 18-тата минута кога при резултат 10-9, Алкалоид наметна свое темпо и на полувремето замина со предност од четири голови (14-10).

Алкалоид во ист стил го отвори второто полувреме и дојде до највисоки +6 (20-14). Еурофарм Пелистер во продолжението ја преполови негативата и дојде на двапати до -3 (21-18, 22-19), но составот на Лино Червар немаше сили да го избегне вториот пораз сезонава во суперлигашкото друштво.

Никола Костески со седум голови беше најефикасен во редовите на Алкалоид, а Марко Кизиќ запиша десет интервенции на голот.

Во составот на Еурофарм Пелистер Кузмановски беше најпрецизен со седум голови, а Никола Митровски на голот имаше 11 интервенции.

Со вечерашниот триумф Алкалоид се искачи на третото место со 18 бодови, а Еурофарм Пелистер падна на четвртото место на табелата со бод помалку

Поврзани вести