Skip to main content

Воведена нова образовна квалификација за мехатроника на камиони и тешки товарни возила во СУГС „Владо Тасевски“

Фото: МИА

Во средното училиште СУГС „Владо Тасевски“ во Скопје воведена е нова образовна квалификација за специјалист за мехатроника на камиони и тешки товарни возила, а првата група од 15 учесници денеска ја започна обуката.

Како што соопштуваат од Минстерството за образование, станува збор за програма наменета за стекнување стручни и практични вештини во област за која, според надлежните, постои зголемена побарувачка на пазарот на трудот.

Програмата е развиена преку соработка на Министерството за образование и наука, Агенцијата за вработување, СУГС „Владо Тасевски“, Кралството Шведска, компанијата „Волво Груп“ и швајцарската организација „Хелветас“, со цел обезбедување кадар со знаења и компетенции усогласени со потребите на индустријата.

Како што истакнала државната секретарка во Министерството за образование и наука Елена Ивановска програмата претставува уште еден чекор во јакнењето на средното стручно образование и неговото поврзување со реалниот сектор.

– Средното стручно образование е една од нашите силни страни, а со вакви иницијативи го правиме образовниот систем уште посилен, пофункционален и поефективен. Особено е значајно што учесниците ќе имаат можност да добијат практична обука со поддршка на компанија од светски ранг во автомобилската индустрија. Очекувам оваа група да прерасне во квалитетен и конкурентен стручен кадар, подготвен да одговори на потребите на компаниите и пазарот на труд – истакна државниот секретар во МОН Елена Ивановска, на промоцијата и стартот на програмата.

Таа изразила очекување новата програма во иднина да прерасне во формална образовна квалификација и да стане дел од редовниот образовен систем.

Според неа, Министерството за образование и наука, во соработка со Центарот за развој на стручното образование и Бирото за развој на образованието, ќе работи на подготовка на наставна програма и учебници, како и на обезбедување дополнителна опрема за практична настава доколку за тоа има потреба.

Од Министерството посочуваат дека воведувањето на новата квалификација претставува пример за партнерство меѓу образовните институции, бизнис-заедницата и меѓународните организации во создавањето образовни програми што ја зголемуваат вработливоста на граѓаните и придонесуваат за развојот на домашната економија.  

Поврзани вести