Skip to main content

„Аз-Буки“ слави 25 години

Издавачката куќа „Аз-Буки“ годинава бележи важен јубилеј, 25 години постоење и издаваштво на македонски јазик. Повеќе од 150 објавени дела, организирани во неколку едиции, го сочинуваат нивното духовно здание, создадено во изминативе две и пол децении со силите на стотина истакнати автори, преведувачи, лектори и уредници.

Голем дел од изданијата на „Аз-Буки“ се значајни наслови од културното и интелектуалното наследство на светот — во нив се препознаваат некои од главните контури на историскиот развој на човековиот поглед кон себе и кон светот. Еднакво место има и обемниот корпус изданија од домашни автори зафатени со битни теми, проблеми и домени кои имаат првенствено филозофски карактер. Препознатливата едиција „Филозофија“, едицијата „Филозофски дисциплини“, историската едиција „Еони“, критичко-теориската едиција „Единаесеттата теза“, повеќе од триесет броеви на списанието „Филозофија“, како и останатите посебни изданија вон овие едиции сочинуваат целина во која се јасно се одразува карактерот на издаваштвото „Аз-Буки“. Сите достапни наслови од споменатите едиции ќе бидат достапни на претстојниот Саем на книгата, каде што „Аз-Буки“ ќе учествува и ќе се претстави.

Саемот на книгата годинава започнува в четврток, 8 мај, и трае до среда, 14 мај. Во текот на седумте саемски денови, од 10:00 до 20:00 часот, сите достапни изданија на „Аз-Буки“ ќе бидат претставени на нашиот штанд, кој ќе биде соодветно обележан, во знакот на 25-годишниот јубилеј на издавачката куќа.

Веруваме дека литературата на која е целосно посветено издаваштвото „Аз-Буки“ ги дава неопходните ориентири за согледување, разбирање и движење низ сложениот релјеф на светот внатре и надвор од нас.

Поврзани вести