
Во последните 34 години ние пропуштивме Уставниот суд да израсне во четврта власт, во коректор на односите меѓу трите власти и заштитник на слободите и правата на граѓаните. Ако сакаме промени, оваа институција мора да се одважи и посегне по својата надлежност, навистина да ја гради уставната демократија и независно да се однесува кон останатите власти, вели македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова.
По отворањето на тркалезната маса на тема „Дали ни е потребен Закон за Уставен суд?”, денеска во Уставниот суд, Сиљановска Давкова рече дека добра е анализата и компаративните примери од Германија, Франција, Шпанија, Португалија и Хрватска се инспиративни, но дека според неа решението мора да биде порадикално и похрабро.
Може и уставната материја да се прошири, меѓутоа, ние секогаш влегуваме со едни предлози за уставни измени, а излегуваме со други бидејќи нашите политички пазари се чудни и измените кои ги прифаќаме покрај потребните се такви, што не прават уште поспецифични и оригинални, ама во демократија, треба да сме европски стандардни, изјави Сиљановска Давкова, посочувајќи дека токму затоа и се откажала од идејата како претседател да формира група од конституционалисти, која што ќе работи на нов Устав.
Според Сиљновска Давкова, овој состав на судот направил многу храбри чекори и тоа е добар знак, нагласувајќи дека неслучајно и оваа дебата се случува токму сега.
Иако сум професорка по уставно право, ако побарате да набројам од 1991 година до денеска некои врвни уставни судии, кои оставиле печат на уставната демократија ќе набројам 5-6. Се сеќавам на првиот состав на Уставниот суд, на последниот, и на некои уставни судии, најчесто преку Венецијанската комисија, меѓутоа за многу други не. Значи, не биле истакнати правници, туку биле истакнати политички или партиски активисти и за заслуга добиле место во Уставниот суд, изјави Давкова.
Сиљановска Давкова потсети на нејзината изјава, дека Уставниот суд ја потсетува на закотвен брод во Вардар, бидејќи сите во светот се плашат од хиперактивни уставни судови, а ние се молиме да биде активен.
На причините што ги наброја претседателот на Уставниот суд, зошто имаме толку малку одредби за уставното судство во Уставот и зошто не е предвиден Закон за Уставен суд, стојат неговите дилеми, но јас имам и една друга причина. Мислам дека тоа од една страна е заради не преголемата или не потребната упатеност на творците на работната верзија на Уставот во уставното судство, а второто веројатно ваквата состојба им овозможуваше на политичките власти, почнувајќи од првиот парламентарне состав до последниот, влијание преку неистакнатите правници, изјави Сиљановска Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова, во воведниот говор на тркалезната маса, претходно порача дека според неа Уставниот суд одамна требало да се реформира и дека добро е што дебатата за ова денеска се случува, токму во домот на најнереформираната институција.
Ако ме прашувате, јас сум за поширока надлежност на Уставниот суд. Поширока надлежност не може да се регулира со носење закон. Дури и да носиме Закон за Уставен суд треба да интервенираме во Уставот, бидејќи можеме да го читаме ние како сакаме членот 113, меѓутоа јасно е таму дека акт за Уставниот суд не значи закон, бидејќи Уставен суд не може да донесе закон, закони носи Парламентот. Впрочем до 2024 година живеевме со Деловник, тоа е за Уставниот суд, изјави Сиљановска Давкова.
Рефромата, посочи Сиљановска Давкова, треба да ги опфати следните работи: Прво, да се прошири листата на заштита на слободи и правата. Второ, да прецизираме дека од потпишувањето на меѓународните договори до ратификацијата, Уставниот суд би можел да има право на интервенција и надлежност. Трето, да се прошири надлежноста и Уставниот суд да го има финалниот збор на референдумите и изборите. Четврто, би сакала, да го тргнеме од надлежноста на Собранието автентичното толкување на законите, бидјеќи е остаток од комунизмот. И, мораме да го конкретизираме статусот „истакнат правник“.
Во Уставниот суд денеска се одржува тркалезна маса на тема „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“ која има цел да отвори дебата за потребата од донесување на посебен закон што би го регулирал работењето на Уставниот суд, преку дијалог меѓу претставници на институциите, правната струка и граѓанскиот сектор. Воведни обраќања на дебатата имаа и Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како и Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија и Анџела П. Агелер, амбасадорка на САД.