
В среда, 6 мај, од 19 часот во литературното кафе „Метаноја“ ќе се одржи промоција на дванаесеттата збирка поезија на академик Влада Урошевиќ, насловена „Кула крај море“. Промотор ќе биде академик Иван Џепароски. Објавувањето на книгата, во издание на издавачката куќа „Антолог“, е поддржано од Министерството за култура и туризам. Дизајнот на корицата е на Марко Трпески, а графичкото обликување на ова издание неодамна доби награда од Македонската асоцијација на издавачи.
„Кула крај море“ е една од најзрелите и најмистично градени збирки на Влада Урошевиќ. Синтеза на речиси сите негови опсесии: митот, сонот, симболот, метафизиката, морето и огледалото на зборот. Збирката е подредена како серија визии, секоја песна како камен во мозаикот на едно големо алегориско градење – кулата како место на созерцание, чекање и создавање.
Во рецензијата кон книгата проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска ќе напише: „Во игра е препознатливата (иронично интонирана) Урошевиќевска потрага по чудото („знак на победата на имагинацијата врз реалноста“ – како што ќе рече самиот по повод поетскиот копнеж отсутното да се направи присутно), чудото присутно и таму горе и тука долу, во духот на езотеричните науки. Поезијата има моќ да создава „обратни светови“ („mundus inversus“), во смисла на онаа „диктаторска фантазија“ за која говори Хуго Фридрих по повод поезијата на Артур Рембо, на пример, која резултира со фасцинантни, но неверојатни слики: по небото се возат кочии, во длабочината на некое езеро лежи салон, над највисоките планински врвови лебди море… Нашиот Урошевиќ ја практикува споменатата постапка веќе во воведниот, прв циклус со наслов „Загатка“, кој започнува со песната „Тајна“ (за која, патем речено, поетот Санде Стојчевски објави една обемна херменевтичка студија во периодиката), чиишто почетни стихови се дадени како мото на овој текст, бидејќи имаат амблематски карактер за целата збирка, но и за целокупната негова поетика. Ретко кој поет како Урошевиќ може да се пофали со толку континуирана посветеност на „тајната што се објаснува само со друга тајна“ со една исклучителна ерудиција и љубопитство (за магија и митологија, за астрологија и алхемија, за археологија и ентомологија, за историја на цивилизациите и културите…), ретко кој поет одново и одново успева да восхити и да изненади! И секогаш – како првпат!“
Влада Урошевиќ (1934, Скопје) е македонски поет, прозен автор, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар, преведувач. Редовен член е на Македонската академија на науките и уметностите; член (редовен, надворешен, дописен) на повеќе странски академии.
Ги објавил збирките: „Еден друг град“ (1959), „Невиделица“ (1962), „Летен дожд“ (1967), „Ѕвездена терезија“ (1973), „Нуркачко ѕвоно“ (1975), „Сонувачот и празнината“ (1979), „Хипнополис“ (1986), „Ризиците на занаетот“ (1993), „Мане, Текел, Фарес“ (2002), „Тајно злато“ (2016), „Безразборна лабораторија“ (2019) и „Кула крај море“ (2026).
Покрај тоа, објавил 7 романи, 7 збирки раскази, 12 книги есеи и критики, 3 збирки записи и патописи. Составил повеќе антологии.
Ги препеал од француски јазик книгите поезија на Ш. Бодлер, А. Рембо, Г. Аполинер, П. Елијар, А. Мишо, А. Бретон, Ж. Превер, А. Боске.
На Струшките вечери на поезијата трипати ја добил наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга: за „Летен дожд“, за „Ѕвездена терезија“ и за „Хипнополис“. Во 2023 година ја добил наградата „Златен венец“ на СВП, како трет македонски поет (по Блаже Конески и Матеја Матевски) кому му е доделено ова високо меѓународно признание. Бидејќи истата година ја освоил наградата „Роман на годината“, Македонската асоцијација на издавачи го прогласила за „Автор на годината“.
За неговиот книжевен и преведувачки опус, во 1987 година, Владата на Република Франција му го доделила државниот орден „Витез на редот на уметноста и литературата“, а во 2011 година го одликувала со повисок степен на истиот вид орден: „Офицер на редот на уметноста и литературата“.
Носител е на државното признание „Свети Климент Охридски“ и на признанието на град Скопје „13 Ноември“.
Поетските книги на Влада Урошевиќ се преведени и објавени на англиски, бугарски, италијански, руски, словенечки, српски, француски и шпански јазик.
Во 2014 година, во ликовниот салон на МАНУ, имал изложба на дигитални колажи „Laterna magica“, а во 2024 година, заедно со Марко Трпески, изложба на дела во истата техника: „Барокна подморница“.

Македонски



