Skip to main content

„Од ‘Црвенкапа’ до ‘Џинџуџе’“: Нова книга на Мојсова-Чепишевска – мала историја и вовед во теоријата и поетиката на книжевноста за деца

Македонската книжевна наука доби ново дело што може и треба да се чита како мала историја и вовед во теоријата и поетиката на книжевноста за деца. Книгоиздавателството „Панили“ ја објави книгата „Од ‘Црвенкапа’ до ‘Џинџуџе’“ од истакнатата универзитетска професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска. Ставајќи акцент на поетика на книжевноста за деца, но и на културата за деца како една специфична супкултура, книгата се развива низ неколку поглавја во кои се дефинираат основните поими и се даваат клучните алатки при исчитувањето на еден текст кој би можел, би требало да биде наменет за најмалиот читател. Притоа авторката книжевноста за деца ја става во дијалог со другите уметности како ликовната, филмската, театарската.

– „Од ‘Црвенкапа’ до ‘Џинџуџе’“ на Весна Мојсова-Чепишевска го има нејзиниот препознатлив авторски глас, богат, близок и срдечен кон читателите, точен и прецизен во податоците. Како и претходната „Клуч во клучалката на детството“, така и оваа книга означува нов датум во толкувањето на книжевноста за деца. „Од ‘Црвенкапа’ до ‘Џинџуџе’“ може да се чита како мала историја и вовед во теоријата и поетиката на книжевноста за деца, оценува универзитетскиот професор, книжевен критичар и писател, Венко Андоновски.

Оваа, единаесетта авторска книга на Весна Мојсова-Чепишевска е потреба за академската средина зашто низ нејзините стручни исчитувања се продолжува линијата на ретки книги, по оние на Миодраг Друговац Јадранка Владова, Мито Спасевски и Виолета Димова – ретки книги во македонската култура.

Книгата „Од ‘Црвенкапа’ до ‘Џинџуџе’“ е потреба за академската средина зашто низ стручните исчитувања на Мојсова-Чепишевска се продолжува линијата на ретки книги во македонската култура посветени на книгите за деца, на начинот на кои тие треба да се читаат и толкуваат, на начинот на кој тие треба да му се приближат на детето. Оваа книга е едно возбудливо научно патување од позната приказна за Црвенкапа до најновата, онаа за некое Џинџуџе, истакнува универзитетскиот професор, Трајче Стамески.

Инаку, изданието веќе е достапно во книжарниците на „Матица македонска“ и иако штотуку објавено е дел од акцијата „Априлско разлистување“ со којашто над триста вредни наслови се достапни со попуст и до 80 проценти. Интересот на читателите за акцијата е голем, вклучително и онлајн.

„Од ‘Црвенкапа’ до ‘Џинџуџе’’ од Весна Мојсова-Чепишевска е книга што треба да ја има не само во библиотеките и во универзитетската средина, туку и во секој дом во којшто ја има книгата за деца. Преу неа, и возрасните што го заборавиле детето во себеси, одново ќе го откријат. 

Поврзани вести