Skip to main content

Осомничениот за нападот на вечерата на новинарите во Вашингтон повеќе не е под надзор поради ризик од самоубиство

Кол Томас Ален, осомничен за пукањето за време на свечената вечера на Здружението на дописници на Белата куќа, повеќе не е под надзор поради ризик од самоубиство во затворот во Вашингтон. Ова следува откако неговите адвокати побараа укинување на мерката, сметајќи дека му се нарушени правата на правично судење.

Адвокатите на Ален поднеле барање да се откаже рочиштето закажано за денеска (понеделник), на кое требало да се расправа за укинување на надзорот, но судијата Зија Фаруки го одби барањето. Како што пренесува Си-Би-Ес, судијката навела дека е „сериозно загрижена“ поради тоа што осомничениот се наоѓа во самица и побарала одговори од надлежните.

Според претходни информации на Си-Би-Ес, кои се повикуваат на полициски извори, Ален бил задржан во рестриктивна ќелија во медицинска изолација и е под деноноќен надзор. Стандардниот протокол предвидува ваков надзор во првите 72 часа додека се проценува психичката состојба на притвореникот.

Во барањето, неговите адвокати навеле дека тој не можел да комуницира со блиски лица, да ги задржи личните предмети ниту да ги прегледува документите поврзани со случајот. Дополнително, според нивните тврдења, Ален бил спроведуван до туш-кабината и претресуван „до гола кожа“ при секое влегување и излегување од ќелијата.

Ален е обвинет за обид за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп за време на годишната гала-вечера за новинари, што се одржа во саботата, на 25 април. Тој се соочува и со две обвиненија за поседување огнено оружје, а сè уште не се изјаснил за вината. Прелиминарното рочиште е закажано за 11 мај.

За потсетување, на годишната вечера на Здружението на дописници на Белата куќа во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон, вооружен маж, идентификуван како Кол Томас Ален (31), испука повеќе куршуми, по што сите присутни, вклучително и претседателот Трамп, беа евакуирани. Извор запознаен со истрагата изјави дека биле испукани вкупно шест куршуми – еден од страна на Ален и пет од припадник на Тајната служба, кој бил погоден во заштитниот елек (панцир). Два извора наведуваат дека куршумот веројатно бил сопрен од мобилниот телефон во џебот на агентот. Сојузните власти ги отфрлија тврдењата дека станува збор за таканаречен „пријателски оган“.(МИА

Поврзани вести