
Бројката на загинати во страшната несреќа во клубот „Џет сет“ во Санто Доминго се зголеми на 98 лица, додека повеќе од 160 се повредени. На социјалните мрежи и во медиумите се појавија нови снимки од трагедијата која ја зави во црно оваа централноамериканска земја.
Што довело до уривањето на кровот на најпознатиот клуб во Доминиканската Република, кој функционира повеќе од 50 години? Причината засега останува непозната. Клубот е реновиран двапати, последен пат во 2015 година.
Сепак, не е познато кога била направена последната безбедносна проверка во дискотеката од страна на надлежните.
Денеска сакаме да им се обратиме пред се на семејствата погодени од трагедијата што се случи синоќа во „Џет Сет“. Нема доволно зборови да ја искажеме болката предизвикана од овој настан. Тоа што се случи е поразително за сите. Сакаме да знаете дека сме со вас, дека ја споделуваме вашата болка – вели низ солзи во видео на Инстаграм бизнисменот Антонио Еспајлат, чие семејство е сопственик на клубот.
Сопствениците на дискотеката не одговараат на новинарски прашања, но наводно соработувале со надлежните.