Skip to main content

„Не е време за собири и протести, не сега… Сега не е време за политики, време е за разум“!

Трагедија каква не сме имале… Плач, лелек, траор… А потоа молк, длабока болка, тага и само нем молк. И душа полна со горчина, гради полни со гнев, до ниво на гадење… Каде живееме… За што и меѓу кои луѓе, ако така можат и да се наречат? Чашата оддамна е прелеана, само немаше кој да ја преврти. Откако политичките елити и нивните вазали, понизни слуги и лакеји  го растурија целиот системот, ги урнисаа ситеа вредности, тргна да посегнат и по највредното. Човечките животи… и тоа на најмилите. Нивните алчност, нивната р’ѓа не изеде и нас, носејќи не на депонијата на човечкото достоинство, на дното… Зашто нивното дно морашае да дојде на врвот. И кога живееш во „септичка јама“ од која смрди каде и да се завртиш, каде и појдеш, на која врата и да тропнеш, на кој шалтер и да се обратиш, чиј телефониски број и да завртиш, не ти останува ништо друго освен најмизерниот избор: Или во својата немоќ и самиот да се удавиш во фекалиите кои тие ги произвеле, а тебе ти ги нудат како „подобар живот“, или да си ги собереш парталите и да фатиш џенем за навека… Ама со тоа само јамата ќе се преполни давејќи не сите во смрдеата, а р’ѓата нема сама да исчезне, ниту да запре, туку и тоа троа што останало здраво  ќе го пеплоса, за на крај се’ да снема. И нас и државата, пишува Антонио Димитриевски.

За жал, претходно направената  штета е ненадоместлива. Зашто претходно пеплосува млади луѓе, детски животи, алтан деца, златни момчиња и девојки… Ни криви ни должни, проголтани во пламените јазици на аждајата на лакомоста кои други ја создадоа. А нам да ни остане маката, горчината, траорот и молкот… Молкот кој колку и да е болен, сега е најгласен. Достоинството и почита кон жртвите и нивните семејства во овој момент се нај потребни. Зашто молкот во дадениот миг е многу посилен и од крикот. Праќа многу посилна и пожестока порака… За почит и сочувство до настраданите и фамилиите, но и наговестување дека бурата доаѓа… Исто така за „фамилиите“… Само за оние мафијашко-криминалните, за дното кое со години, ако не и децении се претставува за врв! Од врвот и ќе почне да се чисти… па се до дното! Ако сакаме да не биде. Темелно, еднаш – засекогаш…

За потоа да создадеме нов систем на вредности, дотоинствен човечки, еднаков за сите.  Со нешто што ќе биде „Оче наш“ за сите и засекогаш, во кој никој не е и нема да биде над законот. Дека и 100 грама, кафе, бонбонбониера, шише виски,  ЦД или две гратис влезници… се исто така мито. Оттука почнува, па се’ до процентот од тендерите за милионските суми!  Дека ничиј син или ќерка, ничиј партиски член не смее да биде поштеден или амнестиран, ако прекршил закон… Напротив, ако биде пример за другите, е дури тогаш ќе не биде!

Затоа да ги оставиме институциите да си ја работат својата работа и да видиме што ќе сработат… За жал, животите на младите ангели не можеме да ги вратиме. Можеме само достоинствено да ги испратиме во рајот… Но, затоа не треба на нивните семејства дополнително да им приредуваме нов пекол. Со кулоарски шпекулации, медиумски дезинформации, собири, протести… Не е време за тоа ! Не е време за политики! Не сега…

Така само им создаваме нова, дополнителна мака и траума на оние кои ги изгубија најмилите, им го отежнуваме патот на оние кои најмногу се потребни да си ја вршат својата работа, на лекарите и здравствените работници, на полицајците, обвинителите, но и на сите кои можат и сакаат да помогнат во овие претешки денови.

Во исто време со СОБИРање и ПРОТЕСТирање им оставаме простор за манипулација токму на оние што до ова дереџе не доведоа, простор прстот на сопствената вина да го вперат во некој друг, па и во нас, им овозможуваме да го искористат моментот за да ја извртат вистината и прикажат како „лажна слика“ во која „џелатите“ на нашите деца, ќе се претставуваат како наши спасители, како волци во јагнешка кожа!

Затоа НЕ Е ВРЕМЕ  за собири и протести. Време е за разум! Сплотени – ДА, но во тага и почит кон настраданите, секој посебно, а сите заедно. Ама не гневни на улица… Не сега, не е моментот!  За собири и протести има кога… Тогаш кога ќе дојде вистинското време, кога крикот на народот ќе се слуша најсилно, а кукавичкиот лелек на оние кои не внесоа низ портите на пеколот нема да им помогне  да не ја добијат заслужената казна за злосторствата што ни ги приредија сиве овие години.

Поврзани вести