
На 22 јуни, со почеток во 20 часот, во Социјален центар Дуња ќе се одржи 33. издание на серијалот „Џез за чудаци“, на кое ќе настапат Светлост и дуото Филип Букршлиев (електрична гитара) и Никола Ивановски (труба). Настанот е во коорганизација на Аксиома, Светлост, Џез за чудаци и СЦ Дуња.
Светлост е автохтон производ на скопската независна музичка сцена. Невозможно ќе беше да се појавеа на друго место освен овде, зашто, низ годините, во својот звук успееја да ги озвучат повеќето аспекти на овдешниот урбан живот кој него го прават едвај издржлив. Дали нивната музика жанровски ќе се определи како фри џез, панк џез, дум џез, лиричен, меланхоличен или спиритуален џез е помалку битно. Она што е несомнено е дека Светлост се нашето најквалитетно џез трио.
Во времиња кога голем дел од современата музика е сведена на алгоритамски пресметана предвидливост, Светлост остануваат редок пример на состав кој сè уште верува во ризикот како основен творечки принцип. Нивната музика никогаш не се стремела кон удобност, ниту кон лесна комуникација со публиката. Напротив, таа бара внимание, концентрација и подготвеност да се влезе во еден звучен простор во кој емоцијата и импровизацијата постојано ја преиспитуваат формата.
Од нивните први настапи до денес, Светлост изградија препознатлив музички јазик кој не се потпира на локален фолклор, ниту на егзотизирање на балканскиот културен контекст како средство за меѓународна видливост. Во нивната музика истовремено се присутни бесот и нежноста, меланхолијата и отпорот, тишината и бучавата. Токму затоа, нивните концерти не функционираат само како музички настани, туку како интензивни колективни искуства во кои публиката и музичарите заеднички поминуваат низ различни состојби на напнатост, катарза и ослободување.
Вечерта ќе ја отвори дуото на Филип Букршлиев и Никола Ивановски, кое низ импровизација и слободно музичко истражување создава звук што подеднакво ги избегнува комфорот, предвидливоста и музичката пристојност, претпочитајќи ги ризикот и радоста од скршнувањето по споредни патишта.
„Џез за чудаци“ е серијал посветен на музика што не се вклопува лесно во постоечките категории, а неговото 33. издание носи средба помеѓу еден од најзначајните состави на современата македонска независна сцена и дуо чија музика повеќе сака да залута отколку да пристигне.
Влезот изнесува 300 денари како препорачана донација, односно 200 денари за студенти и невработени.

Македонски



