Skip to main content

ИСППИ – УКИМ објави насоки за новинари при известување за трауматски настани

Институтот за социолошки и политичко правни истражувања при УКИМ денеска објави насоки за новинари и медиумски професионалци при известување за трауматски настани, со кои би се помогнало во заштитата на децата, семејствата и заедниците кои доживеале трагедија.

Како што соопштија од Институтот, во фазата на подготовка за известување, одговорноста на медиумите може да вклучува – обновување на знаењето за етичност во известувањето, запознавање со информациите за настанот и за заедницата во ризик, координирање со колегите и со службите за управување со итни случаи, препознавање и разбирање на знаците на траума, подготовка на храна, вода и друго споделување информации како граѓаните да стапат во контакт со новинарите.

Според Институтот, при спроведување интервју треба да се има во предвид благосостојбата на граѓаните.

-Пристапете кон интервју и собирање информации врз основа на принципот на „минимизирање на штетата“. Осигурете се дека лицата кои ги интервјуирате разбираат дека не мораат да зборуваат со вас и дека можат да престанат или да ја повлечат својата согласност во кое било време. Ставете ја благосостојбата на луѓето пред приказната и јасно ставете им до знаење дека го правите тоа. Кажете им на потенцијалните соговорници дека не мораат да дадат изјава, но ако чувствуваат дека можат, вие би го ценеле тоа, велат од Институтот.

Како што посочуваат, треба да се одржува смирен, ненасилен став во секое време.

-Не инсистирајте на интервју и не брзајте кога разговарате. Дајте им време на соговорниците да размислат за своите одговори. Претставете се и кажете од каде сте пред да поставите прашање. За преживеаните и сведоците може да биде тешко да ги обработат информациите по шокантниот или трауматскиот настан, па посветете време за да објасните кој сте и што барате. Исто така, можете да објасните каков тип прашања ќе поставувате за да им дадете шанса да размислат за своите одговори, посочуваат во соопштение.

Како што се додава, потребно е да се прашаат луѓето дали е соодветно времето за да дадат изјава. Никогаш не треба да ги убедуваат луѓето да ја споделат својата приказна. 

-Не интервјуирајте никого кој е силно вознемирен, во шок, исплашен, повреден или на возраст под 16 години! Не кажувајте работи како: „Барем сега сè е во ред“, „Барем преживеавте“ или „Можеше да биде полошо“. Можеби се обидувате да ги утешите, но тоа го минимизира нивното доживување. Не давајте свое мислење. Не поставувајте наведувачки или сензационалистички прашања, посочуваат во соопштение.

Од Институтот велат дека трауматските настани можат да влијаат врз способноста на луѓето да размислуваат и да разбираат. Тие можат да раскажуваат долги приказни или да кажуваат работи што не изгледаат релевантно.

-Бидете трпеливи, а ако интервјуираните се вознемират, прекинете го интервјуто и заблагодарете им се за нивното време. Воздржете се од покажување сочувство или тага и не кажувајте дека знаете како се чувствуваат додека го снимате прилогот. Кога не снимаат камерите, можете да понудите искрено сочувство, на пример: „Многу ми е жал што се случи ова“. Вашата улога како новинари е да бидете сведок, да ја пренесете нивната приказна и да не бидете вклучени лично, велат од Институтот.

Како што потенцираат, многу е важно новинарите и медиумските професионалци кои се родители да бидат свесни за присуството на своите деца кога разговараат за трагедијата или катастрофата. 

Во однос на совети за заштита на менталното здравје на новинарите, од Институтот појаснуваат дека не е секогаш можно да се остане непристрасен набљудувач во ситуација на трагедија или катастрофа. Тешко е да се повлече линија помеѓу „повлекување“ и „помагање“, особено ако како новинар сте во позиција да понудите помош.

-Ако одлучите да понудите помош, ваша одговорност е да им објасните на соговорниците дека не се должни да возвратат на дадената помош со давање изјава или со интервју. Не вршете притисок врз никого да даде изјава и не изненадувајте ги луѓето со ненадејни прашања, бидејќи секој стрес што ќе го предизвикате кај нив може да го интензивира претходно манифестираниот стрес. Ако луѓето сакаат да ја споделат својата приказна подоцна, оставете податоци за да можат да ве контактираат, посочуваат во соопштение.

Од Институтот испраќаат совет до новинарите да ги следат сопствените реакции, емоции и потреби, и за време на работата и надвор од неа.

-Избегнувајте претерано идентификување со луѓето кои ги интервјуирате или кои доживеале трагедија, катастрофа или траума. Бидете свесни за штетноста на мислите како што се: „Што ако тоа ми се случеше мене“, „Што ако тоа му се случеше на мојот партнер/моето дете“ и слично. Поврзете се со другите за да го воспоставите и да го одржувате вашиот систем за поддршка. Побарајте помош за каква било вознемиреност. Само затоа што можеби не живеете во заедницата или не сте го доживеале тоа лично, не значи дека не можете да бидете погодени од трагичниот настан, велат од Институтот.

Потребно е, како што потенцираат, да се одржува здрав начин на живот и да се користат позитивни стратегии за справување со стресот.

-Практикувајте добра исхрана, физичка активност, релаксација, како и здрави навики за спиење. Одржувајте рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот бидејќи тоа е важно во поглед на грижата за себе и за сопственото семејство, појаснуваат во нивното соопштение.



Поврзани вести