Skip to main content
Во Кинотеката на Македонија се одржа комеморација во чест на филмскиот продуцент – Панче Мижимаков – Панта

Панта беше дел на се она што беше важно и што ќе биде важно во светот на филмот во Македонија

Во Кинотеката на Македонија денеска се одржа комеморација во чест на филмскиот продуцент – Панче Мижимаков – Панта, еден од најплодните и најмаркантните филмски професионалци во македонската кинематографија.

Роден во Велес 1946 година, тој уште како студент на белградската Академија за театар, филм, радио и ТВ во Белград, соработува со Академскиот киноклуб во Скопје и работи на аматерски филмови во различни улоги (актер, режисер, снимател, организатор). Потоа и професионално станува дел од продуцентската куќа „Вардар филм“, и како организатор, директор на филм и продуцент е вклучен во производството на педесетина документарни, кратки и долгометражни играни филмови. Работел на домашни, југословенски и меѓународни копродукции. Соработувал со македонските режисери С. Попов (ЦРВЕНИОТ КОЊ, ТЕТОВИРАЊЕ, ЏИПСИ МЕЏИК, СРЕЌНА НОВА ‘49), Б. Гапо (ИСТРЕЛ, МАКЕДОНСКА САГА, НАЈДОЛГИОТ ПАТ), Д. Османли (АНГЕЛИ НА ОТПАД, ЖЕД), С. Црвенковски (ЈУЖНА ПАТЕКА), Т. Попов (МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА, ПРЕСУДА, ЛИКВИДАТОР), А. Митриќески (ДЕЦА НА СОНЦЕТО, ПРЕКУ ЕЗЕРОТО), Ј. Бојаџи (РУГАЊЕ СО ХРИСТОС), К. Ангеловски (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА), А. Ѓурчинов (ИСПРАВИ СЕ ДЕЛФИНА) и др., со филмските проекти на независната ФРЗ, а во 1991 бил и основач „Пегаз“ – една од првите приватни продуцентски куќи во Македонија.

Во 2018 година е добитник на признанието „Златен објектив“ за исклучителен придонес во развојот на македонската кинематографија, кое го доделува Кинотеката на Македонија, рече во воведното обраќање директорот на Кинотека, Бошко Грујоски.

Грујоски посочи дека секогаш бил присутен во Кинотеката на настаните за да ги поддржи колегите.

Во нашето секојдневие, постојано наидуваме на филмски и фото материјали, печатени и дигитализирани, во различни формати кои се поврзани со тоа што Панта го работел. Само во депото кое се наоѓа под оваа кино сала имаме стотици докуметни-извештани, пресметки, буџети, договори, постери, филмски ленти и пропаганден материјал, нои награди кои ги добивале филмовите кои тој ги продуцирал. Сето тоа е потврда на неговото место во македонската кинематографија, истакна Грујоски

Панта беше приказна сам за себе, рече режисерот Јани Бојаџи, кој соработувал со Мижимаков низ годините.

За мене Панта беше последниот македонски филмски пророк. Тој можеже и дури според идејата дека некоја некаде ќе сними некаков филм да прорече каков ќе биде филмот. Панта можеше со неговите пророчки филмски способноси да предвиди дали некој сценарист, продуцент, актер, а посебно режисер, ќе го биде или не, за оваа според него животна авантура наречена правење филм. Беше непогрешлив за се поврзано со филмот. Знаеше да препознае убавина, возвишеност и естетика. За Панта во светот на филмот поважно беше она што се случуваше надвор од кадарот. Панта беше дел на се она што беше важно и што ќе биде важно во светот на филмот во Македонија и се радуваше на сите филмски успеси на Македонија, рече Бојаџи и подвлече дека Панта верувал дека филмот повеќе им дал ним отколку тие него исто како што Панта им дал многу повеќе на своите соработници отколку тие нему.

Илинденка Петрушева, филмолог и пријателка на Панта се присети на повеќе настани од професионалниот и приватниот живот. Се присети како еднаш ја избркал од сет, како барала да и помогне да го одврати од студиите по камера нејзиниот син, за филмскиот фестивал во Пула и наградите…

Поврзани вести