![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/plakat-1.jpg)
На 13 февруари, четврток во 19 часот во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи промотивниот настан „Од пештерското сликарство до билборди – сите гласови на човечкото тело“. Модератор на настанот ќе биде Александар Еленин, а истиот ќе биде збогатен и со други гости од повеќе хуманистички области кои ќе бидат инспирација и мотивација за плодна дискусија.
Човечкото телото како физиолошки феномен од најстари времиња било објект на цивилизациското креативно изразување во сите форми на уметничка манифестација, а најмногу и најизразено во пластичните уметности како вајарството и сликарството, но и перформативните уметности како театарот и танцот. Транспонираните визуелизации на човечкото тело во разни форми отсекогаш не импресионирале, инспирирале и поттикнувале за проникнувачко разбирање и анализа на нашето физичко постоење, а преку тоа и обид за некаков вид на разбирање на смислата на човечкиот живот и бивствувањето. Едновремено, антропоморфните уметнички дела, кои во минатото имале подлабоко значење во тогашен контест од она естетското и облагородувачкото, тежнеејќи кон едно сеопфатно толкување и разбирање на светот преку антропоморфните изразни манифестации, а кои денес ние ги откриваме и осознаваме преку арехологијата и антропологијата како научно-истражувачки дисциплини, се ехо на гласовите од сите минати цивилизации кои ги поставиле постулатите за ние денес да бидеме тоа што сме (или треба да сме) – напредна цивилизациска форма на постоење на човештвото.
Во таа насока, археологот и музичар Гоце Наумов, со својот труд насловен „Телесност и отелотворување – Иконографии на човечкото тело“ прави солиден обид за толковно перципирање на телесноста во минатото преку археолошките артефакти, притоа и проширувајќи го тоа значење и манифестација на телесноста во другите уметнички и хуманистички дисциплини. Со неговата студиозна анализа на човечкото тело преку археолошките артефакти во општествен контекст, Наумов трасира и нуди можност за една подлабока семиотичко толкување на антропоморфната иконографија. Поради овие факти, неговото промотивно предавање во рамки на културниот циклус настани „Процеп во процес“ кое го трасираше Центарот за култура „Марко Цепенков“, ќе биде убава и инспиративна можност да ни биде приближена една друга димензија на нашата автореференцијална телесна перцепција која ние денес рутински си ја правиме со гледање во огледало.