Skip to main content

Нина Николиќ, режисерка: Пред 23 години, кога волонтирав на МОТ, само една претстава беше режирана од жена, денес, на 51. издание сите претстави ги режирале режисерки

Пред 23 години, кога волонтирав на Млад отворен театар (МОТ), само една претстава беше режирана од жена. Денеска, на 51. издание на Фестивалот сите претстави во официјалната програма ги режирале режисерки, вели македонската режисерка Нина Николиќ, чија претстава „Последниот час по клавир“ на Театар 071/Перипетија ќе биде изведна на 18 ноември, во Клуб МКЦ.

Претставата е интимна приказна за бегалството, осаменоста, припадноста и човечката блискост.

51. издание на МОТ ќе се одржи од 18 до 24 ноември во Скопје, е посветено на жената и женското авторство во современиот театар. Мотото на овој МОТ е „Овојпат таа кажува“, а ќе се изведат само претстави од режисерки. Николиќ денеска беше на прес-конфренцијата на која беше најавена програмата на МОТ и имаше изјава која ја пренесуваме во целост.

2003 година, пред 23 години, како средношколка се пријавив за волонтерка на МОТ. Со другарка ми Ника дојдовме овде во МКЦ, влеговме во една голема канцеларија каде владееше хаос и еуфорија пред Фестивалот. На вратата не пречека еден дечко. Ни даде во раце два купа флаери и ни рече „Не се враќајте додека не ги поделите сите“. Послушавме.

Таа година во програмата на фестивалот имаше само една претстава режирана од жена. Осум години подоцна, во 2011 година, за првпат учествував на МОТ со своја претстава, историска година за фестивалот. Се одиграа дури девет претстави од македонска независна театарска продукција, од кои дури шест беа режирани од жени. Во меѓународната програма пак, немаше ниту една жена режисер.
​

Денес, 2026 година, за првпат во историјата на фестивалот на програмата има претстави режирани исклучиво од жени. И сето тоа на 51. издание. Метафорично и субински, за да не потсети дека ако сакаме да ја исправиме историската неправда кон жените, должни сме на секое поле: во политиката, образованието, културата, да имаме најмалку 51% жени.

Би рекла дека сме далеку од тој просек, што значи дека пред нас се уште многу битки, но верувам дека ваквите мали победи со текот на времето ќе направат соѕвездие над нашето и онака како замрачено небо.
​

И ќе се чувствувавме како победници во овој момент во светот за театарот, да не моравме пред само неколку дена да излеземе на улица за да го искажеме гневот кон тоа дека сме трета земја во светот по број на фемициди, и на кој знае уште колку премолчен, непријавен терор врз жените во ова наше екстремно патријархално опкружување.
​

Лично јас ќе се чувствував како победник и доколку на оваа маса не ни недостигаше оној кој прет 23 години ме товари со куп флаери и рече „Не се враќајте додека не ги поделите сите“.

Оној нему најмногу му должиме сето ова.

​Русе Арсов кој повеќе од 20 години го обликуваше МОТ како продуцент, како селектор, како директор на МКЦ, и кој не поттикнуваше да се отвориме кон нешто ново, да му го пуштиме на театарот да ја промени нашата свест, да го напуштиме старото и да се отвориме и себе си и публиката кон нешто што ќе не промени и лично и како заедница.
​

Денес сме сведоци на тоа тука дека Русе на само неколку дена пред МОТ го напушти МКЦ, откако успеа за неговото 51. издание да направи програма кој им дава глас на жените.
Овој пат се прашува таа.

Нему да му се заблагодариме, а нам да бидеме свесни дека овој историски момент кој мораше да биде светол, кој надвиснува темни облаци на тоа дека патријархалниот начин на мислење, групурање како партии и кланови, чувството дека нам на Македонците некој секогаш ни кова нешто зад грб, не само што ги угнетува жените, туку и фрла темна сенка на сите оние што се поинакви, бескомпромисни и со својот патриотизам го покажуваат така што го прават најдоброто што знаат и умеат во својата исцрпена дисциплина, кажа Николиќ.
​

Поврзани вести