
По повеќечасовна потрага, денеска во 10:15 часот, во село Кален, во Мариовскиот Регион, беше пронајден 62-годишниот планинар кој исчезна при планинарење во близина на село Лениште, општина Прилеп. Во акцијата беа вклучени полициски службеници, екипа на ТППЕ Прилеп, РЦУК Прилеп и Дирекцијата за заштита и спасување – Прилеп, со координација на Центарот за управување со кризи (ЦУК), соопшти ЦУК.
Настанот, како што велат од ЦУК, се случил вчера во попладневните часови, кога лицето, по пад и губење на свеста, во 16:47 часот се јавил на телефонскиот број за итни случаи 112, со цел да ја утврди точната локација на која се наоѓа. Притоа посочил дека се наоѓа помеѓу село Лениште и манастирот над селото.
-Веднаш по пријавата беа известени надлежните полициски служби, по што полициска екипа излезе на терен и започна потрага. Во дополнителен телефонски разговор, остварен во 17:10 часот, лицето информираше дека се движи кон село Лениште, но дека батеријата на мобилниот телефон му е при крај. И покрај преземените активности, до 18:30 часот лицето сè уште не беше пронајдено, а неговиот мобилен телефон беше исклучен. Потрагата беше интензивирана, со вклучување на дополнителни полициски службеници и екипа на ТППЕ Прилеп. Беше извршена и проверка на неговата домашна адреса, при што беше утврдено дека не се вратило дома – нагласуваат од ЦУК.
Во текот на целата акција, додаваат, Центарот за управување со кризи континуирано ја координираше потрагата и комуникацијата меѓу надлежните институции и службите вклучени во теренските активности, со цел навремено преземање на потребните мерки и ефикасно спроведување на акцијата.
-По повеќечасовната потрага, утрово лицето беше пронајдено во село Кален, во Мариовскиот Регион. Веднаш по пронаоѓањето, екипа на граничната полиција се упати на терен со цел безбедно да го преземе и донесе, се наведува во соопштението од ЦУК.

Македонски



