Skip to main content

Македонските сирени молчат со децении

Порано ги слушавме првите петочни сирени, знаевме што значат и дека некој ќе реагира ако се случи нешто. Денес, во време на војни и нови безбедносни закани, никој не може со сигурност да каже дали старите сирени воопшто ќе се огласат кога ќе биде најпотребно

Пораснавме со звукот на сирените. Секој прв петок во месецот, точно напладне, нивниот звук се слушаше низ градовите. Децата беа на часови, повозрасните на работа, некој во продавница, некој на улица кога ќе се огласеше предупредувачкиот звук. Знаевме дека тоа е проба, ги препознававме сигналите и знаевме дека постои систем што треба да нè предупреди ако се случи нешто сериозно.

Денес, тие сирени се речиси заборавен звук од едно друго време. Одамна тој звук го нема. Децата не ни знаат дека такво нешто постои. Не далеку од нас, на пример во Хрватска, имате табли на кои е посочено значењето на звукот на сирената. Кај нас сирените одамна се неми. Дали воопшто би можеле да ги слушнеме ако утре навистина ни затребаат?!

Додека во Украина и понатаму се води војна, дроновите станаа дел од секојдневните безбедносни закани, а и земјите од регионот се соочуваат со инциденти што до пред неколку години изгледаа далечни, Македонија сè уште се потпира на систем за тревожење што потекнува од времето на поранешна Југославија.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) за „Република“ велат дека во државата има вкупно 207 сирени, од кои само 29 се евидентирани како исправни. За 41 е утврдено дека се неисправни, додека за останатите 137 подолг период не е утврдена состојбата. Или во превод, за најголемиот дел од сирените нема актуелна потврда дека се исправни, а во случај на вистинска опасност, останува прашањето дали системот ќе ја заврши својата работа.

Последен пат звукот на сирените се огласил пред распадот на Југославија

Ги прашавме во ЦУК кога последен пат се тестирани тие сирени. Тоа е и можеби најзагрижувачкиот одговор кој го добивме – последното редовно звучно тестирање на сирените било пред распадот на СФРЈ. Тогаш, секој прв петок во месецот, во 12 и 12.30 часот, се емитувале сигналите за опасност и за престанок на опасноста. Оттогаш, сирените не се вклучувани.

Во меѓувреме се правеле таканаречени „тихи“ проверки, зависно од кадровските и буџетските можности на институцијата. Но, едно е да се провери некој уред, а сосема друго е граѓаните да знаат како звучи предупредувањето и што треба да направат кога ќе го слушнат. Тоа беше лекција која моравме да ја научиме и моравме да ја знаеме. Затоа што во момент на опасност нема време за учење, барање информации и прашување што значи одреден сигнал. Во таков момент голема е веројатноста и да немаме интернет за да може да провериме, да немаме мрежа на телефоните…

Сирени стари повеќе од 50 години

Проблемот не е само што одамна не ги слушаме предупредувачките звуци. Според ЦУК, сирените се поставувани во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, а системот за нивно управување е технолошки застарен. Старите комуникациски врски на кои се потпирало далечинското активирање веќе не се соодветни за денешните технологии. Дел од сирените се зарѓани, нефункционални и толку стари што нивната поправка не е исплатлива.

Дополнително, сирените се поставени главно во градските средини, додека селските населени места не се покриени со нив. За Скопје, акустична студија била направена уште во осумдесеттите години, но оттогаш градот се прошири, се изградија нови населби и згради, а подобрата звучна изолација дополнително го отежнува слушањето на сигналите.

Прашањето за исправноста на сирените не е техничко прашање – тоа е релано општествено прашање. Додека децата се на часови, родителите се на работа, а улиците се полни со луѓе, не е доволно да постои закон во кој пишува дека населението треба да биде предупредено. Потребен е систем што навистина функционира, сигнал што луѓето ќе го препознаат и јасни инструкции што треба да направат.

Од ЦУК велат дека населението може да се информира преку телевизиите, радијата, електронските медиуми, телефонски повици, пораки и други начини на комуникација. Дали? Дали тие уреди се секогаш достапни?

За испраќање СМС-предупредувања до мобилните телефони во конкретен регион, како и за поврзување на системот Е-112 со системот за рано предупредување, досега се разговарало. Но нема информација дека такво решение веќе е воспоставено и целосно функционално. Не се спроведуваат ниту вежби со кои граѓаните непосредно би се запознале со сигналите за тревожење.

Модернизацијата повторно останува на хартија

Од ЦУК велат дека секоја година до Владата доставуваат информации и предлози за модернизација на системот, набавка на нови сирени и воведување можност за нивно централно активирање. Пред петнаесетина години, според проценките наведени од институцијата, за современ систем биле потребни околу десет милиони евра, а денес сумата веројатно би била и повисока. Но се е само проценка. Конкретен рок за реализација на модернизацијата нема, а нема ниту податок дека се обезбедени средства за целосна реконструкција.

Секако, никој не сака повторно да ги слуша сирените поради вистинска опасност. Но, нивната смисла и не е да нè плашат, туку да нè предупредат навреме, кога секоја минута може да биде важна. Порано, кога ќе се огласеа, знаевме дека тоа е сигнал и дека треба да реагираме. Денес, децении подоцна, системот што треба да нè предупреди останува заробен во минатото.

А во време кога војната, дроновите и другите закани веќе не се толку далеку од нашето секојдневие, не е доволно да се надеваме дека сè ќе биде во ред. Зашто, ако утре навистина затребаат, сирените нема да ни помогнат само затоа што сè уште стојат на покривите. Треба и да работат.


Во Хрватска сирените се тестираат секој месец, во Швајцарија еднаш годишно

Додека во Македонија редовното звучно тестирање на сирените е прекинато пред распадот на Југославија, во повеќе европски земји системите за тревожење и понатаму се дел од организираната цивилна заштита.

Сирените во Хрватска се тестираат секоја прва сабота во месецот напладне. Целта е да се провери нивната функционалност, но и граѓаните да го препознаваат сигналот. Во Франција, сирените се тестираат секоја прва среда во месецот. Покрај звучното предупредување, земјата го користи и системот FR-Alert, преку кој на мобилните телефони во загрозеното подрачје се испраќаат предупредувања и инструкции за постапување. Австрија има мрежа од околу 8.300 сирени, а покрај нив функционира и системот AT-Alert за испраќање предупредувања директно на мобилните телефони. Националното тестирање на сирените во Швајцарија се спроведува секоја прва среда во февруари. Паралелно, граѓаните добиваат информации преку апликацијата Alertswiss и други официјални канали. Во Германија, пак, обновувањето и зајакнувањето на системите за предупредување добија дополнително значење по катастрофалните поплави во 2021 година, кога се покажа колку е важно предупредувањето навреме да стигне до населението.

Практиката во овие земји покажува дека сирените не се сметаат за застарени само затоа што постојат мобилни телефони. Напротив, тие се комбинираат со дигитални системи за да се зголеми веројатноста граѓаните навреме да дознаат за опасноста.

Разликата не е само во опремата, туку и во навиката системот да се проверува, а населението да знае како да реагира.


Република испрати прашања на истата тема и до Дирекцијата за заштита и спасување, но до овој момент одговор се уште нема

Поврзани вести