
Со мотото „Овојпат таа кажува“ од 18 до 24 ноември во Скопје ќе се одржи 51. издание на Млад отворен театар (МОТ), посветено на жената и женското авторство во современиот театар. Годинашната програма ја сочинуваат претстави режирани исклучиво од жени, кои преку разни сценски јазици и авторски пристапи отвораат прашања за личната и колективната слобода, идентитетот, љубовта и положбата на жената во општеството.
Програмата на прес-конференција ја претставија македонските режисерки Нина Николиќ со претставата „Последниот час по клавир“ и Теодора Силјаноска со „Кокошка“, директорот на Младинскиот културен центар, Димче Арсовски, и членовите на програмскиот тим – Филип Николовски и Кирил Мечалов. Буџетот на Фестивалот е 3,5 милиони денари.
Програмата на 51. МОТ носи театарски продукции од Македонија и регионот, но и меѓународни гостувања, обединувајќи различни генерации авторки и авторски пристапи.
Фестивалот започнува на 18 ноември со „Кратки приказни“ на Театар Антон Подбевшек од Словенија, во режија на Сања Нешковиќ Першин – театарски експеримент што ги спојува класичната глума, физичкиот театар, танцот и кореографијата. Истата вечер, во клубот на МКЦ, ќе биде изведена и претставата „Последниот час по клавир“ на Театар 071 | Перипетија, во режија на Нина Николиќ, интимна приказна за бегалството, осаменоста, припадноста и човечката блискост.
На 19 ноември следува „Кокошка“ на Театар Вортекс во Театар Комедија, во режија на Теодора Силјаноска, комедија според текст на Николај Кољада, која преку иронија и апсурд ги истражува човечките слабости, суетата и потребата за признание и слобода.
Меѓу регионалните гостувања се издвојуваат „Манифест“ на Словенско младинско гледалишче и Глеј Театар, во режија на Татјана Першух, кој ги отвора прашањата за технолошкиот развој и неговите последици; „Три жени“ од Србија, авторски музичко-поетски театарски проект што го истражува женското творештво и историското потиснување на женскиот глас; како и „Закопани чуда“ во режија на Нина Виолиќ, интимна мултимедијална приказна за љубовта, сеќавањето и минливоста.
Програмата продолжува со „Смртен исход од атлетските повреди“ на Моје позориште од Босна и Херцеговина, во режија на Тара Маниќ, и концерт на Арбереше, уметница од Косово која живее во Швајцарија и создава современ музички израз инспириран од традиционалната албанска музика.
Во рамки на музичката програма на 51. МОТ, на 21 ноември, во бифето на МКЦ, ќе настапи ARBËRESHË, уметница од Косово која живее и твори во Швајцарија. Нејзиниот музички израз претставува спој на традиционалната албанска музика и современиот звук, создавајќи автентично и возбудливо музичко доживување. Концертот е дел од програмата на Младинскиот културен центар во рамки на европската музичка платформа Liveurope, која ја поддржува циркулацијата на нови европски музички таленти и нивното претставување пред нова публика, а влезот за публиката е бесплатен.
На 22 ноември ќе биде изведена „Свињи“ на Златен Елец во продукција на ЦК Битола, а во режија на Тамара Стојаноска, според текст на Томислав Зајец. Претставата ја следи приказната за две сестри заробени во сопствените животи и меѓусебниот однос, отворајќи прашања за слободата, човечката природа и границите меѓу човекот и животното.
Во завршницата на фестивалот се и двата танцови перформанси „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ и „Мочуришна драма“, во соработка со Локомотива; „Мојот маж“ на грчкиот колектив Процес, во режија на Марија Манганари, според расказите на Румена Бужаровска; и „Ана – непоправливата“ на Арт центар Оренда од Бугарија, посветена на руската новинарка и борка за човекови права Ана Политковскаја.
Билетите за претставите на 51.издание на МОТ се во продажба преку онлајн сервисот за билети bileti.mkc.mk, како и физички на билетарницата на МКЦ по промотивна цена од 400 денари, со исклучок на „Кокошка“, за која билетот чини 600 денари .
Целосната програмата на фестивлот може да се погледне на веб страната www.mot.mk.

Македонски



