Skip to main content

Хаџи Василева ја презеде функцијата шефица на Обвинителството за организиран криминал: „Влијанија имало, има и ќе има, прашањето е како се однесуваме со нив“

По официјалното преземање на функцијата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, обвинителката Искра Хаџи Василева, заедно со досегашниот шеф на обвинителството Ислам Абази, оствари средба со републичкиот јавен обвинител Ненад Савески.

Савески им посака успех и успешна работа на двајцата обвинители. Абази, кој досега раководеше со обвинителството, се враќа на работа во Вишото јавно обвинителство во Гостивар, каде што работеше и претходно.

По средбата, Савески изјави дека разговарале за актуелната состојба, досегашната работа и условите во кои функционира обвинителството, но и за плановите на новата шефица.

-На мое големо задоволство денеска сите тројца поразговаравме за тоа до каде се состојбите и работата и околностите во кои што тоа обвинителство работи. Ми беа пренесени и плановите на колешката за работата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Останува јавното обвинителство да продолжи да работи, и тоа обвинителство и генерално оваа институција, да работиме и да докажеме дека сме тука за граѓаните, односно да ја зголемиме довербата на граѓаните во нашата работа, рече Савески.

Новата шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, одговарајќи на прашање за можните политички влијанија врз работата на обвинителите, порача дека притисоци и влијанија секогаш ќе има, но дека однесувањето на обвинителите кон нив е вистинскиот показател за нивниот професионален интегритет.

-Нашиот интегритет тука се гледа. Влијанија имало, има и ќе има, веројатно, но прашањето е ние како се однесуваме со истите, рече Хаџи Василева.

Говорејќи за условите за работа во обвинителството, таа информираше дека има благо зголемување на буџетот, што го оцени како позитивен сигнал, но нагласи дека финансиските средства не се единствениот проблем со кој се соочува институцијата.

Според неа, сериозен предизвик претставува недостигот на кадар, како во редовите на јавните обвинители, така и во јавнообвинителската служба, каде што дефицитот е особено изразен.

-Имаме голем дефицит и во јавнообвинителската служба, таму е веројатно и најгорливо. Имаме дефицити во однос на самите јавни обвинители, посочи Хаџи Василева.

Поврзани вести