Skip to main content

Триумфално финале во Ираклион: Завршната изведба на „Набуко“ со овации испратена на Крит

Со вечерашната, четврта по ред изведба, спектакуларно заврши историското гостување на Македонската опера и балет (МОБ) во Ираклион, Крит, со ремек-делото „Набуко“ од Џузепе Верди. На сцената на Културниот и конференциски центар во Ираклион, македонските уметници уште еднаш ја подигнаа публиката на нозе, заокружувајќи ја успешната меѓународна копродукција со громогласни овации и долготрајни аплаузи.

Финалната вечер на овој четиридневен оперски маратон (12–15 ноември) понуди врвно музичко-сценско доживување, за што сведочи огромниот интерес на критската публика, која ги купи однапред билетите за сите петстави во рекордно време. Во главните улоги вечерва повторно блеснаа македонските оперски првенци: Марјан Јованоски како моќниот Набуко, Злата Тошевска Димовска во драматичната ролја на Абигаиле, Александар Стефаноски како Закарија, Ѓорѓи Цуцковски во улогата на Исмаеле и Николина Јаневска како Фенена.

Многу е важно за нас како ансамбл да ја претставиме државата во најдобро светло, што и го направивме. Тоа се виде и по реакциите на жителите на Ираклион, кои кога ќе нè сретнат и кога ќе им кажеме од каде сме, ни велат дека ја гледале претставата и дека повторно ќе дојдат, и тоа точно на денот кога пее македонскиот каст. Тоа е една голема сатисфакција дека сме постигнале успех кај публиката и сме ја претставиле државата на такво ниво, рече Дејан Прошев, кој ја направи сценската адаптација, посочувајќи дека салата била исполнета до последното место во текот на сите вечери.

Под сигурната диригентска палка на реномираниот маестро Мирон Михаилидис и во режија на Ренато Бонајуто, со сценска адаптација на Прошев, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на МОБ, заедно со локалниот хорски ансамбл од Ираклион, создадоа вистинска магија на сцената. Особено емотивен момент на вечерта, како и во текот на сите изведби, беше величествената изведба на прочуениот хор на еврејските робови „Va, pensiero“, кој одекна како симбол на уметничко единство и надеж. „Набуко“ е опера со силна порака за слобода, заедништво и човечност, а ваквите меѓународни копродукции се покажаа како најдобриот мост за културно зближување.

Ова е најдоброто нешто за зближување на двете држави. Се надевам дека ваквите примери ќе влијаат и на политичарите да направиме ваква соработка и на повисоко ниво, порача Прошев.

Македонските уметници се враќаат дома со срца полни со впечатоци, оставајќи силен и траен печат на меѓународната оперска сцена.

Поврзани вести