
Премиерот на Романија, Лука Никулеску денеска изјави дека три брода во Црното Море, во близина на каналот Сулина, синоќа биле погодени од дронови, поради што двапати во биле подигнати борбени авиони.
– Такви инциденти се неприфатливи и претставуваат нарушување на меѓународното право, посочи Никулеску, додавајќи оти инцидентите ја одразуваат „влошената безбедносна ситуација предизвикана од војната на Русија против Украина“.
Романскиот министер за одбрана Штефан-Раду Опреа наведе дека во ниту еден од трите инциденти немало жртви, бидејќи екипажите успеале да ги изгасат пожарите на бродовите.
Тој истакна дека погодени се танкерот за нафта и хемикалии „Евиа петрол V“, што пловел под грчко знаме, како и танкерите за нафтени деривати „Марсол“ и „Али Наџафов“, што пловеле под знамето на Сент Китс и Невис.
Опреа додаде дека танкерите „Евиа петрол V“, и „Марсол“ биле биле погодени на четири, односно пет наутички милји југоисточно од каналот Сулина, во романските територијални води.
Русија негираше дека користела дронови за напад врз соседите на Украина.
Опреа посочи дека пред два дена со дрон беше погоден товарниот брод „Лариса 1“, што пловеше под знамето на Палау. Бродот е погоден во територијалните води на Романија додека пловел кон пристаништето Сулина, а крајна дестинација била Украина. И во овој инцидент нема човечки жртви.
Тој ги повика сојузниците да бидат солидарни со Романија и да испратат патроли со извидувачки авиони и опрема против беспилотни летала. Засега само Франција привремено распореди поморски патролни авиони „Атлантик 2“ во Романија.
Каналот Сулина е клучна романска пловна рута што ја поврзува реката Дунав со Црното Море, а која Украина ја користи за извоз. Голем број бродови во октомври и во ноември биле или закотвени во близина на каналот Сулина или транзитирале кон или од него.

Македонски



