Skip to main content

Македонските оперски солисти вечерва во главните ролји на спектакуларниот „Набуко“ на Крит

Ираклион – Со громогласен аплауз и овации, ансамблот на Македонската опера и балет (МОБ) синоќа го започна своето големо меѓународно гостување на грчкиот остров Крит. Од 12 до 15 ноември, на престижната сцена на Културниот и конференциски центар во Ираклион, пред преполната сала се изведува монументалната опера „Набуко“ од Џузепе Верди.

Во фокус на оваа раскошна продукција се врвните македонски оперски солисти кои настапуваат во вечернава изведба. Главните ролји ги толкуваат баритонот Марјан Јованоски во насловната улога на Набуко, сопранот Злата Тошевска Димовска како Абигаиле, тенорот Ѓорѓи Цуцковски како Исмаиле, мецосопранот Николина Јаневска во улогата на Фенена и басот Александар Стефаноски како Закарија.

Солистите Јованоски, Цуцковски и Тошевска Димовска ја потенцираа значајноста на меѓународната соработка и одговорноста да се претстави македонската оперска традиција пред новата публика.

За мене претставува многу голема чест што сум овде и што соработуваме со ваков диригент како што е маестро Мирон Михаилидис. Имавме одлична генерална проба, сè оди во најдобар ред и сметам дека вечерва ќе имаме прекрасна претстава, вели Злата Тошевска Димовска.

Да се застане на оваа величествена сцена и за првпат да се донесе „Набуко“ пред публиката на Крит е огромна чест, но и голема одговорност. Енергијата во салата беше неверојатна, а реакцијата на публиката е најдобра потврда дека врвната уметност не познава граници и зборува на универзален јазик.

Ја толкувам главната улога во операта „Набуко“ и за мене е голема чест да ја претставувам нашата куќа. Првпат сум на Крит и многу ми е драго што по долго време решиле операта „Набуко“ да ја постават овде и тоа токму со нашата постановка, бидејќи во неа е многу вложено и визуелно и од сите други аспекти. „Набуко“ е можеби една од поубавите претстави кои ги има на репертоарот Македонската опера и балет – рече Марјан Јованоски и посочи дека имаат одлични услови за работа во салата, која има одлична акустика.

Јованоски е солист на Операта во Бургас и вели дека ваквите соработки меѓу уметниците многу значат и треба да се негуваат, во смисла да се гостува и кај нас со некое дело, за и нашата публика да се запознае со нивните уметници, како што овдешната публика овие денови ги гледа нашите.

Ова гостување е вистински празник за оперската уметност. Соработката со маестро Михаилидис и локалниот хор создаде посебна синергија, а македонските уметници уште еднаш покажаа дека имаат квалитет, страст и традиција со кои гордо можеме да се претставиме на секоја светска сцена.

Маестро Михаилидис е мој долгогодишен пријател и на мое огромно задоволство, кога за првпат дојде во Македонија да ја диригира „Мадам Батерфлај“ на Мајските оперски вечери, јас го толкував ликот на Пинкертон. Многу ми е драго што нашиот ансамбл беше воодушевен од неговиот капацитет и што со генералниот директор Оливер Арсовски воспоставија одлична соработка, благодарение на која денеска сме на Крит. Ова е наше меѓународно гостување и навистина ми е драго што ќе се претставиме со целиот наш полн капацитет, со една подмладена екипа на солисти која веќе има исклучително ниво на репродуктивност во уметноста. Целиот каст е прекрасен, хорот и солистите се беспрекорни, а јас улогата на Исмаиле ја исполнував на „Мајските оперски вечери“ и сум ја толкувал повеќе од дваесет пати во Италија и на други светски сцени, истакна Ѓорѓи Цуцковски и подвлече дека е голема чест да се претставува нашата држава и нашата култура надвор од нејзините граници.

Заедно со солистите, на сцената во Ираклион настапуваат и хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ, потврдувајќи го високиот уметнички квалитет и подготвеност на националната установа. Изведбата е под диригентската палка на маестро Мирон Михаилидис, а режисерската концепција е на Италијанецот Ренато Бонајуто, со сценска адаптација на Дејан Прошев. Посебен белег на настапот дава и учеството на Хорскиот ансамбл на Ираклион, што ја заокружува оваа значајна меѓународна копродукција.

Гостувањето на Крит претставува еден од најзначајните меѓународни проекти на Македонската опера и балет оваа сезона и силен импулс за унапредување на културната соработка и размена меѓу двете соседни земји.

Поврзани вести