
Македонската опера и балет ги воодушеви учениците на Крит со едукативни раблотилници за операта „Набуко“. Повеќе од 1.240 ученици од 28 средни училишта од Ираклион, Ретимно и Ласити имаа ретка можност да навлезат во магичниот свет на оперската уметност, преку специјалните едукативни работилници посветени на култната опера „Набуко“ од Џузепе Верди.
Дводневната образовна програма, организирана од PSEI со поддршка на Регионот Крит, се одржа во Културниот центар во Ираклион, каде учествуваа ансамблот и солистите на Македонската опера и балет (МОБ).

Големиот интерес од 28 средни училишта на Крит резултираше со две успешни едукативни сесии. Само во една од сесиите, салата ја исполнија 620 ученици од 15 училишта, придружувани од нивните наставници.

Низ процесот на создавање една оперска претстава, за творештвото на големиот Верди и за значењето на „Набуко“, младата публика ја водеше маестро Миронас Михаилидис. Покрај едукативниот дел и претставувањето на уметниците, учениците имаа можност во живо да проследат и впечатливи извадоци од ова ремек-дело во изведба на македонските оперски уметници.

На почетокот на настанот, учениците беа срдечно пречекани од претседателот на Културниот центар на Ираклион, Костас Варверакис, и потпретседателката Мара Панагиотаки.

Присутните ги поздрави и заменик-претседателката за култура и еднаквост на Регионот Крит, Георгија Милаки, која ја истакна важноста на ваквите меѓународни културни соработки за младите генерации.
Денешната слика, со стотици деца кои го исполнуваат Културниот центар во Ираклион, нè исполнува со радост и оптимизам. За нас во Регионот Крит, културата е право за сите, неодвоив дел од образованието и суштинска инвестиција во новата генерација. Преку култната опера „Набуко“ од Џузепе Верди, децата имаат можност не само да ја доживеат оперската уметност, туку и да се сретнат со безвременски вредности, како што се слободата, човечкото достоинство, солидарноста и почитта кон човекот, изјави Милаки.
Таа додаде дека уметноста ги надминува границите на времето и јазикот, и дека допирот со културата ја негува емпатијата, креативноста и критичкото размислување, формирајќи активни и сензибилни млади граѓани. Токму затоа, Регионот Крит континуирано поддржува иницијативи што ја приближуваат образовната заедница до врвната уметност.

Македонски



