
Двајца турски државјани се уапсени во Скопје под сомнение за обид за убиство на двајца нивни сонародници во стан на подрачјето на Карпош. Полицијата трага по уште едно лице за кое постои сомнение дека учествувало во нападот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, К.М. (36) и С.Б.П. (22), заедно со трет осомничен, физички нападнале двајца 26-годишни турски државјани, нанесувајќи им повреди со остар предмет. Во моментот на нападот, во станот се наоѓале и две жени.
По нападот, тројцата осомничени побегнале, но по преземените полициски мерки, К.М. и С.Б.П. биле пронајдени и лишени од слобода на улицата „Јадранска Магистрала“ во Скопје.
Од МВР информираат дека Единицата за насилен криминал, односно Одделението за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, поднело кривична пријава против двајцата уапсени за кривично дело „убиство во обид“, согласно член 123 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Полицијата продолжува со активностите за пронаоѓање на третиот осомничен.

Македонски

