
Жителите од десет населени места Општина Брвеница денеска гласаат за градоначалник на предвремените локални избори откако на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина дотогашниот прв човек на општината, Јовица Илиевски.
Избирачките места се отвораат во 7 часот и се гласа до 19:00 часот. Во Избирачкиот список за изборите во Брвеница се запишани 16.256 избирачи од кои 449 се на привремена работа во странство, а во затвор или во притвор се девет избирачи.
Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од Општинската изборна комисија (ОИК) во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
ОИК првичните резултати од изборите ги објавува во рок од 7 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од ИО и ги истакнува на огласна табла во општината и ги соопштува на јавните гласила.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Македонски

