
Во понеделник, 19 октомври, со почеток во 20:00 часот, во Кинотеката на Македонија одбележуваме 65 години од „Солунските атентатори“ (1961), историско-акциониот филм на режисерот Живорад Жика Митровиќ, реализиран во продукција на „Вардар филм“. Ова остварување зазема значајно место во историјата на македонската кинематографија.
Дејството нè враќа во Солун во април 1903 година. Група македонски социјалисти, млади луѓе од Велес кои живеат и студираат во Солун, решаваат преку координирани напади врз објекти поврзани со странскиот капитал да го привлечат вниманието на светската јавност кон положбата на Македонија под османлиска власт. Филмот ја следи нивната опасна акција, идеалите што ги водат и подготвеноста да се жртвуваат за својата кауза.
Во филмот настапуваат Александар Гавриќ, Драган Оцокољиќ, Дарко Дамевски, Истреф Беголи, Марко Тодоровиќ, Стево Спасовски и Петре Прличко, меѓу другите. Сценариото е на Јован Бошковски, а режијата е на Живорад Жика Митровиќ.
На Фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула во 1961 година, филмот ја добил традиционалната награда на публиката „Јелен“. Сценографот Диме Шумка бил награден со специјална фестивалска диплома, а режисерот Митровиќ добил признание од жирито за успешно негување на акциониот жанр во домашниот филм.
Дојдете во Кинотеката на Македонија и погледнете го повторно ова значајно дело од македонската филмска историја!
Понеделник, 19 октомври
20:00 часот

Македонски

