Skip to main content

„Илинден“-Тирана ја поздравува иницијативата за впишување на Преспанскиот Регион на Листата на светското наследство на УНЕСКО

Македонското друштво „Илинден“-Тирана ја поздравува Изјавата за заедничка подготовка на номинацијата на Преспанскиот регион за Листата на светското наследство на УНЕСКО, потпишана од Бленди Гонџја, министер за туризам, култура и спорт на Албанија, Седат Сулејмани, министер за култура и туризам на Македонија и Лина Мендони, министерка за култура на Грција.

Преспанскиот регион претставува исклучително природно, историско и културно богатство што ги поврзува трите земји. Неговите уникатни природни вредности, биолошката разновидност и богатото културно наследство се од особено значење не само за локалните заедници, туку и за поширокиот регион и за европското културно и природно наследство – нагласува во пишаната изјава претседателот на „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај.

Македонското друштво смета дека оваа иницијатива претставува значаен чекор кон зајакнување на прекуграничната соработка, заедничката заштита и промоцијата на природното и културното наследство, како и кон создавање нови можности за локалното население преку развој на одржливиот туризам.

Впишувањето на Преспанскиот регион на Листата на светското наследство на УНЕСКО би придонело за неговата меѓународна афирмација, зајакнување на заштитата на неговите исклучителни вредности и поттикнување одржлив економски развој, со целосно почитување на природата, традициите и културниот идентитет на локалните заедници – вели Ѓурѓај.

Македонското друштво „Илинден“-Тирана ја изразува својата целосна поддршка за сите напори насочени кон зачувување на заедничкото природно и културно наследство и унапредување на соработката меѓу Албанија, Македонија и Грција.

Заштитата на Преспанскиот регион е заедничка одговорност и важна инвестиција во иднината, во интерес на сегашните и идните генерации – нагласува Ѓурѓај.

Поврзани вести