
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата ќе продолжи да ја следи безбедносната ситуација во Црното Море и да ги прилагодува своите одбранбени мерки по потреба, по неодамнешните напади врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег.
„Разговарав со бугарскиот премиер Румен Радев за неодамнешните напади врз трговски бродови во Црното Море. НАТО ќе продолжи тесно да соработува со своите сојузници во регионот. Веќе го зајакнавме нашето присуство на источното крило и ќе продолжиме да ја следиме безбедносната ситуација, прилагодувајќи ги нашите мерки за одвраќање и одбрана по потреба“, напиша Руте на социјалната мрежа „Икс“ (X).
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така ги осуди нападите со беспилотни летала и порача дека одговорните мора да се соочат со последиците.
„Црното Море стана уште еден фронт на ескалација во руската војна против Украина. Ова е неприфатливо“, истакна Фон дер Лајен на „Икс“, додавајќи дека нападите сериозно ги загрозуваат животите на екипажите и безбедноста во регионот.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ја обвини Русија за занемарување на човечките животи, повикувајќи ги партнерите на зголемен притисок и остри санкции за заштита на слободата на пловидба и глобалната безбедност на храната.

Македонски


