
Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, порача дека Москва не се приближува до победа во војната против Украина благодарение на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, туку со руското оружје. Тој реагираше откако Трамп повторно го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски затоа што не постигнал договор со Русија.
Американскиот претседател им изјави на новинарите дека Зеленски ќе бил во многу подобра позиција доколку постигнел договор пред две години. Трамп тврди дека украинскиот претседател за време на војната имал повеќе можности за постигнување договор, но не ги искористил.
Медведев ги коментираше изјавите на Трамп на руската платформа Макс и предупреди дека во Москва не треба да ги толкуваат како промена на американската политика во корист на Русија.
„Трамп? Тој никогаш не го менува ставот, што ни е добро познато. Затоа, вие што премногу се возбудивте – приберете се. До победата нè приближуваат исклучиво нашите балистички ракети и беспилотните летала ‘геран’“, напиша Медведев.
Неговата порака доаѓа во момент кога Трамп повторно го засилува притисокот врз Киев и сè поотворено му ја префрла на Зеленски одговорноста за непостигнувањето мировен договор.
Трамп не се задржа само на тврдењето дека Зеленски требало порано да постигне договор. Тој отворено го доведе во прашање и неговото останување на чело на Украина.
„Мислам дека е време Украина да добие нов лидер“, рече Трамп. Додаде дека тоа треба да биде некој што може да постигне договор за завршување на војната, бидејќи Зеленски, според неговите зборови, „од некоја причина никогаш не го направил тоа“.
Потоа Трамп директно повика на одржување претседателски избори во Украина.
„Сметам дека треба да одржи избори“, рече тој.

Македонски


