
– Македонскиот ракометен шампион Вардар, со оптимизам го дочекува утрешниот дуел со Нант. Ова ќе биде прв домашен натпревар за „црвено-црните“ во Лигата на шампионите во „Јане Сандански“ по петгодишна пауза.
Тренерот Иван Чупиќ верува дека со поддршка од трибините може да се освојат првите бодови.
– По првото коло во Германија, ни доаѓа прв натпревар дома во Лигата на шампионите по пауза од четири години. Имаме големи очекувања за овој натпревар. За Нант, за нивниот тренер и за тимот можам да кажам само убави зборови. Сигурно дека ние имаме свои желби како да стигнеме до прва победа. Мора да бидеме претпазливи од почеток до крај. Сакам да видам вистинска конекција меѓу нашите навивачи и ракометарите. Евентуална победа многу ќе ни значи и ќе ни биде ветер во грб за следните мечеви, изјави Чупиќ.
Словенечкиот ракометар во редовите на Вардар, Јака Малус упати апел до навивачите во што поголем број да дојдат во сала и да му помогнат на тимот да постигне успех.
– Играме во нашата сала. Знаеме дека на сите екипи ќе им биде тешко во „Јане Сандански“ кога се присутни нашите навивачи во голем број. Ние сакаме да ги освоиме првите бодови во Лигата на шампиони. Година дена немаме пораз на свој терен и сакаме така да остане и сезона. Добро сме подготвени и на тактички и на физички план, истакна Малус.
Натпреварот Вардар – Нант се игра утре со почеток во 18:45 часот

Македонски


