Skip to main content

Внимавајте ако одите: Топлотен бран во Грција

 За жал, бидејќи во многу случаи имаме туристи кои доаѓаат од северните земји или од земји каде што не се соочиле со вакви температури, многу од нив не се соодветно подготвени, ниту во однос на облеката, ниту на обувките, за овие исклучително тешки и високи температури, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина, директорот за комуникации на грчкиот Црвен крст Константинос Гаврилидис, додека членови на организацијата, на туристите на влезот на Акропол им делат шишиња со ладна вода, капчиња и лепези.

Топлотниот бран што ја зафати Грција и високите температури во Атина и овој пат не ги предомислија туристите и не ги одвратија од планот да го посетат Акропол, најзначајниот споменик во грчката метропола, а Црвениот крст, спроведе нова акција за поддршка и информирање на илјадниците посетители пред главната билетарница на Акропол.

Дел од туристите пристигнуваат опремени со чадори, капчиња, мини вентилатори, шишиња со вода и удобна летна облека, велат дека очекувале високи температури, но и посочуваат дека тоа во никој случај не им влијаело за да размислат за откажување на посетата на Акропол.

Од друга страна се и оние кои иако виделе дека температурите може да достигнат и до 40 степени, сепак дошле неподготвени.

– Извинете, дали можеби имате капче? Ме „уби“ сонцето, им се обрати млада туристка од САД на волонтерите од Црвениот крст на нивниот штанд, за, како што рече, да биде опремена пред да влезе на Акропол.

Гаврилидис за МИА посочи дека Црвениот крст, во соработка со Министерството за култура е секогаш присутен кога има екстремно високи температури и топлотни бранови.

-Целта е да обезбедиме упатства за справување со топлотниот бран, топлотниот удар и високите температури, како и за мерки за заштита, како што се капи, лепези, креми за сончање и, секако, ладна вода. Во овој момент на сите посетители на Акропол им се делат околу 2.500 – 3.000 шишиња ладна вода, објасни директорот за комуникации во грчкиот Црвен крст.

Додаде дека веќе имале различни случаи во кои интервенирале за помош поради високите температури.

Според вработените на Акропол, температурите без разлика дали се екстремно високи или екстремно ниски не играат голема улога во однос на бројот на посетители, особено кога станува збор за туристи од крузерите, кои се со ограничено време, во Атина се само неколку часа и немаат голем избор околу посетата на Акропол.

Претпладнево беше значително голем бројот на вакви групни посети на туристи кои во грчката метропола дошле со некој од крузерите.

Оние пак кои се индивидуално и кои нивниот одмор на островите го комбинираат со неколкудневен престој во Атина, Акропол, одбираат да го посетат или во раните утрински часови или доцна попладне

– Имавме среќа и успеавме да најдеме билети веднаш штом отвори и некако не беше толку многу топло, иако сега веќе, еве 11 часот е и се чувствуваат високите температури, велат туристи од Франција, додека си заминуваат од Акропол.

Доколку се погледне официјалниот сајт за купување билети за Акропол, со исклучок на утрешниот ден, во следните најмалку десет дена, потрошени се билетите за претпладневните часови, односно за периодот од 8 до 12 часот.

Од петокот Грција ја зафати топлотен бран со температури што во изминатите денови надминаа и 40 степени во одредени делови на земјата.

Според метеоролошката служба Метео на Националната опсерваторија во Атина, во текот на вчерашниот ден највисоката максимална температура била регистрирана во мрестот Скала, во областа Месинија на Пелопонез и изнесувала 41,5 степени Целзиусови.

Од 588 автоматски метеоролошки станици на Националната опсерваторија, вкупно 118 метеоролошки станици регистрирале максимални температури над 37 степени. ср/јт/

Фото: МИА

Поврзани вести