Skip to main content

Економист: Новиот американски мировен план за Украина вклучува откажување од НАТО, демилитаризирана зона и обнова на Северен тек

beverly-lussier-from-pixabay
Фото: Pixabay

Соединетите Американски Држави подготвуваат нов мировен план за окончување на војната во Украина, кој би можел да вклучува откажување на Киев од членството во НАТО, воспоставување демилитаризирана зона во Донбас и рестартирање на гасоводот Северен тек, објави денес британскиот весник Економист.

Според британскиот весник, украинските власти сè уште не ги добиле сите детали од американските предлози, но основните контури на планот се веќе познати.

Во замена за откажување од амбициите за членство во НАТО, на Украина би ѝ бил понуден инвестициски пакет и перспектива за членство во Европската Унија, додека на Русија би ѝ била дадена можност да склучува деловни договори со САД, ублажување на санкциите и нормализирање на политичките односи со Западот.

Еден од најконтроверзните предлози се однесува на обновувањето на испораките на руски гас за Европа и рестартирањето на гасоводот Северен тек, што би претставувало значајна отстапка за рускиот претседател Владимир Путин.

Економист предупредува дека Вашингтон нема овластувања да одлучува за вакви прашања во име на европските земји и дека обновувањето на испораките на руски гас би било во спротивност со европското законодавство.

Во меѓувреме, меѓу украинските функционери расте загриженоста дека американската администрација би можела да склучи деловни зделки во корист на Русија дури и пред формално да заврши војната.

Засега, предлозите кои ги објави Економист не претставуваат конечно договорен мировен договор.

Извор: МКД.мк

Поврзани вести