Skip to main content

Промовирана детската книга „Ина“ на Весна Мојсова-Чепишевска

Промоција на детската книга „Ина“ од Весна Мојсова-Чепишевска се реализираше денеска во Скопје. Како што информира организаторот, книгата за деца, со илустрации на Иванка НиБа, објавена од „Светулка“, на промоцијата првпат беше достапна за читателите.

„Во средиштето на вниманието беше приказна што преку светот на едно девојче отвора големи човечки прашања за прифаќањето, достоинството и правото на секое дете да биде слушнато и разбрано. Промоторката Ана Јовковска упатува исклучителни пофалби за книгата, нарекувајќи ја „фантастична“ и оценувајќи го авторскиот пристап на Весна Мојсова-Чепишевска и Иванка НиБа како „врвен книжевен и уметнички дострел“. Во својот осврт, таа особено го издвојува мајсторството „да се пишува со толку нежност и да се илустрира со толку разбирање“ за сложените искуства на детската ранливост, неприфаќањето и пронаоѓањето на сопствениот глас“, пишува во соопштението.

Преку дневничката форма, како што се додава, авторката ѝ го препушта зборот на самата Ина.

„Нејзината прва училишна недела станува почеток на приказна што допира до длабоката човечка потреба да се припаѓа, да се биде прифатен и да се зачува сопственото достоинство. Детската перспектива му дава непосредност на раскажувањето, а нежноста со која е обликувана хероината ја гради блискоста со читателот. Во тој свет има место и за болката и за пркосот, и за ранливоста и за храброста. Јовковска особено го нагласува движењето од стравот и чувството на отфрленост кон сопствениот глас, емпатијата и надежта. Многу надеж за овој суров свет!, порачува таа, издвојувајќи ја една од најсилните пораки на книгата“, се додава во соопштението.

Извор: МКД.мк

Поврзани вести