
Македонска државјанка со иницијали С.С. (46) е уапсена во Улцињ под сомнение дека со автомобил намерно прегазила и усмртила куче, соопшти Полициската управа на Црна Гора.
Според полицијата, случајот бил пријавен во петокот околу 15:15 часот, кога сопственикот на кучето пријавил дека непознато лице, управувајќи бел автомобил „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, намерно го прегазило неговото куче на улица во Улцињ.
Полициските службеници веднаш започнале потрага по возилото, а околу 16:40 часот осомничената била пронајдена и запрена на заедничкиот граничен премин „Сукобин – Муриќани“, додека се обидувала да ја напушти Црна Гора. По приведувањето, над неа била спроведена криминалистичка обработка.
За случајот било известено Основното државно обвинителство во Улцињ, кое оценило дека постојат елементи на кривичното дело „убивање и мачење животни и разорување на нивното живеалиште“ и наложило С.С. да биде лишена од слобода. Таа во законски предвидениот рок ќе биде изведена пред надлежниот обвинител.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појави вознемирувачка видеоснимка за која се тврди дека го прикажува инцидентот. Дел од црногорските медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации, објавија дека во близина на местото на настанот се наоѓало и уште едно угинато куче, кое наводно било во сопственост на осомничената и претходно било усмртено од кучето што било прегазено. Овие информации не се потврдени од полицијата или од обвинителството.
По случајот реагираше и невладината организација „Пријатели на животните“, која побара надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да се изрече соодветна санкција согласно црногорските закони за заштита на животните.
ВИДЕОТО СО ВОЗНЕМИРУВАЧКА СОДРЖИНА Е НА СЛЕДНИОТ ЛИНК

Македонски


