
Основниот суд во Улцињ ја прогласи за виновна Сашка Стојановска (43) од Скопје за кривичното дело „убивање и мачење животни и разорување на нивното живеалиште“ и ја осуди на 45 дена затвор.
Како што се наведува во пресудата, Стојановска на 24 јули околу 15 часот, во Улцињ, на булеварот Теута во населбата Улцињско Поле, во близина на хотелот „Хоти“, управувајќи автомобил „мерцедес“, најмалку двапати поминала со возилото преку куче од расата шарпланинец, сопственост на оштетениот. Кучето при тоа се здобило со повреди од кои угинало.
При одмерувањето на казната, судот како олеснителни околности ги зел предвид нејзините семејни прилики, фактот дека е мајка на две деца, од кои едното е малолетно, нејзината претходна неосудуваност, како и битно намалената пресметливост во моментот на извршувањето на кривичното дело.
Намалената пресметливост била утврдена врз основа на наод и мислење на вештак од медицинска област – психијатар.
Околности кои ја отежнуваат вината судот не најде, се наведува во пресудата.
Судот оценил дека изречената казна е соодветна на тежината на кривичното дело, личноста на обвинетата и околностите под кои било извршено, како и дека ќе ја постигне целта на казнувањето.
Од судот посочуваат дека казната треба да придонесе и за спречување на идно противправно однесување, но и да претставува јасна општествена осуда за секој облик на мачење и убивање животни.
Во казната од 45 дена затвор на Стојановска ќе ѝ биде засметано и времето поминато во притвор, почнувајќи од 24 јули 2026 година во 20:30 часот.
По апсењето на нејзината мајка летото, во разговор за Сител ќерката Дора Стојановска раскажа дека претходно шарпланинецот го усмртил нивното куче, а потоа и нив ги нападнало.
На видеотo се гледа и нашето мало куче Shih Tzu кое е усмртено од шарпланинец преку 50 килограми тежок кој влезе во нашиот апартман, го распарчи нашето куче пред наши очи додека не постоеше начин да го одбраниме и да му помогнеме бидејќи станува збор за крволочно куче кое подоцна н напдна и нас и мојот малолетен брат. Шарпланинецот е удрен за да го оттргне од мене и од моето куче кое почина, кажа во разговор за „Сител“ Дора Стојановска.
Таа додаде и дека сопственикот на шарпалнинецот по настанот со толпа негови пријатели им се заканувал пред апартманот. Тврди дека прегазувањето било обид жената да ги одбрани децата и своето милениче.

Македонски


