
Западнонилската треска повторно се шири низ Европа, а најмногу случаи во регионот се регистрирани во Грција, каде од почетокот на сезоната на надзор до 22 јули се потврдени 21 локално пренесен случај на инфекција.
Според грчката Национална организација за јавно здравје (ЕОДИ), кај 20 од заболените се развиле тешки невролошки компликации, меѓу кои енцефалитис, менингитис или акутна флакцидна парализа, додека еден пациент имал полесна клиничка слика. Во изминатата недела биле регистрирани 14 нови случаи, 13 пациенти се хоспитализирани, а засега нема пријавени смртни случаи.
Најголем број од случаите се регистрирани во областа Атика, во општините Спата-Артемида, Маркопуло, Вари-Вула-Вулијагмени, Коропи, Лаврио, Неа Јонија, Атина и Глифада, додека поединечни случаи се потврдени и во Лариса и Палама.
Според најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), локално пренесени случаи на западнонилска треска оваа сезона се регистрирани и во Италија, Македонија, Романија и Шпанија. Во Македонија досега се евидентирани два случаи, во Скопскиот и Вардарскиот регион.
Западнонилската треска е вирусно заболување што се пренесува преку убод од инфициран комарец. Повеќето заразени лица немаат симптоми или развиваат лесна форма на болеста, но кај помал број пациенти, особено кај повозрасни лица и кај луѓе со ослабен имунолошки систем, може да дојде до сериозни невролошки компликации.
Вирусот е ендемски во Грција од 2010 година, поради што здравствените власти секое лето спроведуваат засилен надзор. ЕОДИ препорачува граѓаните да користат средства против комарци, да носат облека со долги ракави и ногавици при престој на отворено и да избегнуваат изложување во периодите кога комарците се најактивни.

Македонски


