
Уште четири лица во Холандија починале од западнонилска треска во текот на изминатата недела, со што вкупниот број смртни случаи од овој вирус во земјата годинава се искачи на девет, соопшти Националниот институт за јавно здравје и животна средина.
Иако ова е најголемиот број починати во рок од една недела откако во август беа регистрирани првите случаи, Институтот оценува дека епидемијата веќе го достигнала својот врв и почнува да стивнува. Во изминатата недела биле потврдени 12 нови случаи (наместо 16 од претходната седмица), со што вкупниот број заразени достигна 56 лица, потсетува холандскиот јавен сервис Ен-О-Ес (NOS).
На намалување на епидемискиот бран укажуваат и податоците од ветеринарниот сектор: оваа недела биле откриени 14 заразени коњи (во споредба со 48 од претходната недела), додека бројот на заразени птици падна од 71 на само седум. Вкупно оваа година во Холандија се регистрирани 150 коњи и 178 птици заразени со вирусот.
Вирусот првпат се појави во Холандија во 2020 година, откако беше пренесен преку птици преселници, а годинава за првпат беа регистрирани и смртни случаи меѓу луѓето. За вирусот нема вакцина, а единствената заштита е спречувањето на убодите од комарци, кои го пренесуваат заболувањето од инфицираните птици. Поголемиот дел од инфицираните немаат симптоми или имаат благи знаци слични на грип, но кај околу еден отсто од заразените — особено кај лица постари од 50 години или кај оние со нарушено здравје — може да се развијат тешки и смртоносни невролошки заболувања, како што е менингитисот.
Поради зачестеноста на ваквите болести како последица на климатските промени, крвната банка „Санкин“ минатиот месец објави дека отсега ќе врши редовни тестирања за вирусот на западнонилската треска во девет провинции, за да се спречат инфекции преку трансфузија на крв, кои во минатото веќе имале најмалку еден смртоносен исход.

Македонски


